X
 11.01.2018 Живот

„Економист“ пишува за името: Зошто Македонија сѐ уште има второ име?

Речиси четвртина век Македонија, најјужниот дел од одамна исчезнатата Југославија, е нарекуван ФИРОМ од страна на Обединетите нации, Европската Унија и многу други организации. Кратенката значи „Поранешна Југословенска Република Македонија“. Ова е дел од бизарен проблем кој го има Македонија со својот сосед Грција, откако стана независна држава во 1991 година. Минатата недела ОН претседаваа со преговори за воспоставување договор кој ќе ѝ помогне на Македонија да добие покана за членство во НАТО и ќе започне преговори за членство во ЕУ (и двата процеси во моментов се блокирани од Грција). Постои добра волја од двете страни. Радмила Шекеринска, министерката за одбрана на РМ, ги опишува преговорите како голема можност за решавање на проблемот, пишуваат во „Економист“.


На некои јазици „Македонија“ е име за овошна салата. Тоа е така бидејќи историскиот отомански регион во Македонија бил составен од многу различни луѓе. Имало најголема група на Евреи во Солун. Регионот бил дом и на Турци, Грци, Албанци, Бугари, Срби и други Словени. Бил поделен за време на балканските војни 1912-13. Југот станал дел од Грција, друг дел станал бугарски, а остатокот - дел од Јужна Србија. Во 1944 година југословенските комунисти решиле Македонија да биде една од шесте југословенски републики. Ако на мнозинството словенско население некогаш му недостигал силниот македонски идентитет, тоа се променило во 1991 година, стои во извештајот на „Економист“.

Кога Југославија се распаднала, Грција го блокира признавањето на Македонија како независна земја со образложение дека името има територијални претензии за „грчката Македонија“. Проблемот наскоро прераснува во повик за грчките националисти. Тие истакнувале дека само луѓето од „грчка Македонија“ имаат право да се нарекуваат Македонци, па не е можно и нивните соседи да го делат тој идентитет. Во 1995 година се донесува одлука Грција да не ја блокира Македонија во зачленувањето во интернационалните организации, под услов да биде примена под името ФИРОМ. Потоа, грчките лидери расправаат дека Македонија може да го користи името, но со придавки како „нова“ или „горна“. Во 2008 година Грција го спречува НАТО да ја покани Македонија да се приклучи во алијансата, а го блокира и процесот за приклучување на Македонија во ЕУ. Популистичката влада во Македонија на тоа одговара со слични националистички политики, именувајќи го аеродромот „Александар Велики“, а националната арена во „Филип Втори“. Поставени беа и низа нивни споменици. Многу Грци сметаат дека ова е доказ оти Словените сакаат да го украдат нивниот хеленистички идентитет, пишува „Економист“.

Новата македонска влада, формирана во мај, и грчката влада, која се соочува со економски предизвици, изгледа дека повеќе сакаат да ги подобрат односите. Но, многу националисти во двете земји се подготвени да отфрлат каков било договор. Најголемото прашање се однесува на идентитетот. Двете влади може да се согласат за име, а во моментов изгледа дека најдобар избор е „Нова Македонија“. Но, ако се обидат да преговараат за тоа дали, на пример, ЕУ ќе ги нарекува граѓаните на Македонија како Македонци, ќе дојде до продлабочување на разговорите. Европската иницијатива за стабилност го посочи проблемот како „Чекајќи го Годо“ – претстава во која двајца пријатели постојано чекаат некој да дојде. Нема очекувања дека ќе дојде во 2018 година, стои во извештајот на „Економист“.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот