X
 20.06.2018 Живот

Рекорден број бегалци во светот, ОН евидентираа 68,5 милиони раселени лица



Бројот на бегалци и внатрешно раселени лица поради воени дејства во светот постигна нов рекорд, петти по ред, со 68,5 милиони луѓе од кои половината се деца, објавија во вторникот ОН.


Мајка и дете - бегалци
(Фото: Pixabay)


Кризата во Демократска Република Конго, војната во Јужен Судан и бегањето на илјадници Рохинџи од Мјанмар кон Бангладеш минатата година доведоа до рекордни бројки, се вели во годишниот извештај на УНХЦР.

Според статистиките, скокот што е забележен минатата година во споредба со 2016 е многу повисок од оној во претходниот период.

Едно лице на 110 во светот е бегалец или раселено лице.

„Се наоѓаме во клучен момент во кој адекватниот одговор на присилното раселување бара нов, поглобален пристап со цел државите и заедниците да не бидат оставени сами во такви ситуации“, вели комесарот за бегалци при ОН, Филипо Гранди.

Според УНХЦР, бегалците што побегнале од своите земји поради конфликти и прогони зафаќаат 25,4 милиони од вкупно 68,5 милиони бегалци и раселени лица, што претставува зголемување за 2,9 милиона во споредба со 2016 година и најголемо зголемување што е забележано од УНХЦР во една година.

Паралелно, бројот на баратели на азил што сè уште чекаат на решавање на своето прашање при крајот на 2017 година пораснал за околу 300.000, достигнувајќи бројка од 3,1 милиони лица.

Бројот на раселени во сопствената земја достигнал 40 милиони, што е благо опаѓање во споредба со претходната година.

Сирија е земја со најмногу внатрешно раселени лица, а потоа следуваат Колумбија, Демократска Република Конго и Авганистан.

Што се однесува до бегалците, повеќе од една петтина се Палестинци, а преостанатите главно се од пет земји: Сирија, Авганистан, Јужен Судан, Мјанмар и Сомалија.

Бројот на земји што примиле поголем број бегалци е мал. Турција е прва на таа листа кога се работи за апсолутна бројка – примила 3,5 милиони бегалци, пред сè Сиријци, додека Либан има најмногу бегалци во однос на бројот на жители.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот