X
 13.01.2018 Живот

Како еден мал човек им се спротивставил на големиот Роман Абрамович и неговата инвестиција од милијарда фунти

stadion

Лондон е град кој може да се пофали со најголем број фудбалски стадиони, што не е изненадувачки со оглед на фактот дека во главниот град на Велика Британија играат дури пет клуба од англиската Премиер лига.

Бидејќи фудбалот се претвора во најголем извор на пари, сопствениците на клубовите гледаат како да реализираат колку што е можно поголем профит. Покрај договорите за спонзорство, продажбата на ТВ-правата и продажбата на дресови и разни сувенири и ситници со логото на клубовите, еден од најзначајните извори на приходи и понатаму се продадените билети, особено кога станува збор за луксузните места во ложите.

Затоа не е чудно што лондонските клубови брзо ја виделе можноста и почнаа да градат нови, скапи и поголеми стадиони. Мразот го скрши Арсенал, кој легендарниот „Хајбери“ го замени со стадионот „Емиграти“, именуван по познатата авиокомпанија, откако за 100 милиони фунти таа го купи правото за името на стадионот. Благодарение на капацитетот од над 60.000 места и скапите влезници, стадионот вреден 390 милиони фунти набрзо почна да се исплаќа.

По новиот стадион на Арсенал, во стадионот „Лондон стадиум“ бил преселен клубот Вест Хем јунајтед, кој го напуштил стариот добар „Болејн Граунд“. По него следува Тотенхем, кој за 750 милиони фунти гради нов стадион со капацитет за 61.559 гледачи, што би можел да послужи како дом на потенцијалната европска НФЛ-франшиза.

Меѓутоа, најамбициозниот проект од сите е оној на Роман Абрамович, шефот на Челзи. По неуспешната идеја стадионот да го изгради во рамките на затворената електрана на јаглен „Батерс Поуер стејшн“, рускиот милијардер ја ангажирал швајцарската архитектонска канцеларија „Херцог & Де Меурон“. Нивната задача била да смислат реконструкција и проширување на капацитетот на „Стемфорд бриџ“ каде што Челзи настапува уште од основањето на клубот, односно од 1877 година.

Швајцарските архитекти измислиле одличен проект, стадион што се издвојува од другите дизајни. Недостигот на просторот го дизајнирале така што стадионот би имал неправилна форма со 264 столба инспирирани од готската архитектура на Вестминстерската опатија. Според проектот, капацитетот би се зголемил од 41.000 на 60.000 места (од кои 9.000 луксузни), што двојно би ги зголемило приходите на клубот.

Меѓутоа, овој проект вреден милијарда фунти наишол на една голема пречка - семејството Скростваит кое живеело во близина на „Стемфорд бриџ“ повеќе од 50 години.

Тие тврдат дека новиот стадион би ја спречил сончевата светлина да навлезе во нивниот дом и тој постојано би бил во сенка, поради што во мај минатата година покренале барање за забрана на изградбата.

Иако новиот „Стемфорд бриџ“ добил дозвола за планирање потпишана од страна на градоначалникот на Лондон, Челзи не сакал да остави ништо на случајот и го повика локалниот совет да интервенира за да се спречи закана и по којзнае кој пат да се запре изградбата на стадионот. Одлуката сега лежи во рацете на Хамерсмит и Фулам, кои имале состанок во понеделникот.

Клубот им рече дека работата не може да тргне додека постои можност забраната да го спречи проектот, на што семејството и понатаму инсистира, иако наводно му бил понуден надомест за да се откаже од борбата за светлина. Но членовите на семејството не сакале ни да слушнат.

Тие велат дека немаат ништо против новиот стадион, туку само бараат источната трибина да се редизајнира или да се намали за да не им се блокира пристапот на светлината. Покрај тоа, потегот на Челзи со кој преку советот сака да ја запре забраната се смета за штетен за јавниот интерес и потенцијално незаконски. Од друга страна, клубот тврди дека веќе се консултирал со 13.000 граѓани што живеат во близина на стадионот, од кои 97,5 отсто дале поддршка за проектот, а одреден дел од нив добиле и надомест од клубот затоа што стадионот ќе им ја блокира светлината.

Советниците, пак, имаат соломонско решение - според еден предлог, клубот од семејството би ја откупил куќата за износ што потенцијално ќе надмине неколку милиони фунти, а потоа земјиштето ќе биде изнајмено од клубот за проектот да може да продолжи. Но ако се донесе ваква одлука, семејството најавува дека ќе бара нов правен совет за понатамошните можности што му се на располагање.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот