X
 14.02.2018 Култура

Како Денот на вљубените стана толку комерцијализиран празник и дали тоа е лошо?


Фото: Wikimedia Commons

Еве како Денот на вљубените стана празникот што денес сите го знаеме и го славиме.

Античко потекло


Според историчарите, Денот на вљубените е наследник на античкиот римски празник Луперкалија што датира од 3000 година пр.н.е. Секоја година, помеѓу 13 и 15 февруари, Римјаните правеле прослави и ритуали во чест на доаѓањето на пролетта. Еден од овие ритуали вклучувал жртвување на куче или коза, а нивната кожа се користела за камшикување на жените, чин за кој се верувало дека ја зголемува нивната плодност.

Покрај тоа, од Луперкалија потекнува и античката верзија за состанок „на слепо“: имињата на мажите и жените биле извлекувани преку лотарија и случајно биле избрани за заедно да го поминат празникот. Ако на крајот од празникот си се допаднеле еден на друг, за брзо време стапувале во брак.

Денот на вљубените


Во петтиот век папата Геласиј одлучил да го укине паганскиот празник и да го замени со ден за прослава на маченикот Валентин, кој бил убиен од царот Клавдиј II.

Постојат различни легенди за тоа кој бил свети Валентин. Една ја раскажува приказната за еден христијански свештеник кој бил затворен и се вљубил во ќерката на тој што го затворил. Пред неговата смрт, тој ѝ испратил љубовно писмо кое завршувало со: „од твојот Валентин“.

Друга легенда раскажува за свештеник што ја игнорирал забраната за брак на царот Клавдиј II што важела за неговата војска. Свештеникот Валентин продолжувал да венчава парови што биле заљубени, па затоа бил егзекутиран.

Современа историја

Човекот познат по (наводно) испраќање на првата картичка на Денот на вљубените бил 21-годишниот Чарлс, војвода од Орлеанс. Во 1415 година, додека бил затворен во лондонската кула, тој ѝ испратил песна со наслов „Збогум за љубовта“ на својата 16-годишна сопруга Бони од Армањак.

Интересно, Бони била втора од неговите три жени. Првпат се оженил кога имал 12 години, а неговата прва жена имала 17 години. Неговата трета сопруга имала 14 години кога стапиле во брак, а Чарлс 46, од кои 25 ги поминал во затвор.

Авторите Чосер и Шекспир го прославиле Денот на вљубените со нивните дела и придонеле за неговата трансформација во празник на паровите и подароците.

Во текот на 17 и 18 век празникот почнал да личи на модерната инкарнација ориентирана кон потрошувачите. Додека обичните луѓе си разменувале картички, аристократијата се вклучила во пософистицирани активности.

Во европските кралски дворови празникот бил одбележан со дарување скапи подароци на избрани луѓе наречени „валентини“ и формална понуда на комплименти во рима и стих.

Комерцијализација

Она што му помогнало на Денот на вљубените да се вкорени во Америка била новата потрошувачка и популарна култура на нацијата, поттикната од влијанието на рекламирањето и настаните во печатењето и масовното производство.

Во 40-тите години на 19 век американскиот весник „Паблик Леџер“ го охрабрил славењето на празникот велејќи дека на луѓето им се потребни повеќе забава и повеќе можности.

Во следните децении маркетиншките машини на многу компании почнаа да привлекуваат повеќе и повеќе купувачи за да го одбележат празникот и да ги убедат да купат „валентини“ - во форма на карти, чоколади, цвеќиња и накит.

Денот на вљубените придонесе за начинот на кој западната култура ја слави и ја изразува љубовта, а со тоа го поврзува и материјалното. За современите маж и жена, романтичната врска неизбежно доаѓа со материјалното и финансиското.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура