X
 04.03.2018 Живот

Атанас Наумов почна со Скопски, а во април ќе го оствари сонот на секој маратонец – да го трча Бостон!

Со финишер медалот на најстариот светски маратон, Наумов ќе ја заокружи големата шесторка на светски маратони



Десет маратони веќе се зад него, од кои пет се светски – Њујорк, Чикаго, Лондон, Берлин, Токио. Неготинецот Атанас Наумов на 16 април ќе го трча и најпосакуваниот и најсаканиот маратон во светот, тој во Бостон. Со тоа ќе ја комплетира листата на шесте светски маратони. Во Бостон годинава ќе трча и Ангел Арнаудов од с.Стојаково, Гевгелија, кој исто така ги има завршено петте светски маратони.
Информацијата ја доби пред два дена, 36-годишниот Наумов е пресреќен, зашто на Бостон не се стига само со котизација, треба да се оствари и норма. -Мојата апликација за Бостон е прифатена и со тоа ќе ја комплетирам колекцијата од шесте најголеми маратони. Со моето најдобро време 3 часа и 6 минути јас веќе имав норма за в година, ама ми беше прифатено учество преку хуманитарна организација за да можам сонот да го остварам годинава – вели Наумов, кој штотуку се врати од Токио, каде на 25 февруари го истрча светскиот маратон.

Во 2017-та завршил пет маратони!

Посакуваше да го подобри своето најдобро време (3 часа и 6 минути), а во Токио „задоцни“ за 1 мин. 25 секунди. Наумов е пресреќен што во Токио бил пречекан од нашата амбасадорка во оваа земја, Андријана Цветковиќ.


Наумов на прием кај нашата амбасадорка во Јапонија, Андријана Цветковиќ

-Разговаравме за маратонот во Токио, а и за нашиот Скопски маратон. Воедно со поддршка од Скопски маратон, на амбасадорката и подарив финишер медал од последниот Скопски маратон на кој се израдува премногу и изрази отворена поддршка за истиот, а воедно и за претстојните македонски oлимпијци за Oлимпијадата во Токио 2020. Тоа беше навистина посебен ден за мене – рече Наумов.

Спортот и трчањето му се страст без која не може да си го замисли животот, вели тој. Завршил Електротехнички факултет во Скопје и работи како софтверски инженер.Со трчањето почнал во 2014 година.

-Мојата професија нема допирна точка со спортот. Бидеjќи работата ми е статична имав потреба да спортувам за да не дојде до неправилен развој на телото. Почнав со теретана, а трчав како дел од кардио-вежбите, но никогаш повеќе од 5км, бидејќи по конституција сум слаб и не сакав да губам маса. Кога почувствував дека ми е потребна промена, предизвик во спортот, почнав да трчам на подолги дистанци. Мојот пристап кон спортот е аматерски, но секогаш сакам да го дадам максимумот – вели Атанас.

Во 2014 година истрчал 5км на Скопскиот маратон, каде од близу 2000 натпреварувачи на трката од 5 км го освоил 30.место.



-Тоа ми даде поттик да тренирам повеќе и да се пробам на подолги дистанци. Прв маратон што го завршив беше Љубљанскиот во 2015-та, кој го истрчав за 3 часа и 45 минути. После мојата прва 5ка, почувствувам дека сакам поголем предизвик и тогаш помислив на маратон без да знам колку треба да си физички и психички подготвен. Почнав да трчам подолги должини и сакав на Скопски да ми биде првиот маратон, некако полумаратон не ми беше доволно предизвикувачки. Но, за жал, таа година Скопски маратон не се одржа и така го одбрав Љубљанскиот – вели Наумов.

Трчањето на Скопски е прекрасно, особено на целната линија

Наредната година дошол редот и за првите 42км на Скопски (пријавувањето е во тек). Првиот го истрчал за 3 часа и 51 мин, а наредната година забележал огромен напредок со време од 3 часа и 19 минути. Иако планираше да го трча Скопскиот маратон, сега заради Бостон нема да оди на 42 км, но со сигурност ќе учествува или на 21км или во штафета. -Од година в година Скопскиот маратон добива сè повеќе учесници и публика, организацијата е сè подобра, сè повеќе странци доаѓаат да трчаат и тој ден како да е празник во Скопје, но сепак треба да имаме повеќе поддршка долж целата рута, а не само на одредени места. Сепак, морам да признаам дека трчањето дома е прекрасно, особено кога ќе здогледаш твои луѓе во публика, луѓе што не си ги видел долго време како ти даваат поддршка, а особено на целната линија, кога ќе те пречекаат најблиските.


Го замоливме да ни ја долови атмосферата на големите маратони.

- Се пријавив на лотарија за Њујорк во 2016 и ме избраа да го трчам најголемиот маратон во светот, кој се одржа во ноември. На овој маратон постигнав време од 3 часа и 25 минути. На маратонот во Њујорк учествуваат повеќе од 55.000 тркачи, има публика над милион по улиците. Чувството е неверојатно и незаборавно да се трча Њујорк. Веднаш ми се навраќаат спомените и емоциите од маратонот. Се трчa низ пет квартови – Стејт Ајленд, Бруклин, Квинс, Менхетен и Бронкс, за да заврши во Централ Парк. Во текот на целиот маратон публиката нè бодреше гласно, а бидејќи имав испечатено Macedonia на маичката, слушав постојано „Go Go Macedonia!” – се потсетува Наумов. Во април лани учествуваше во Лондон.

-Се трча низ најзначајните знаменитости низ Лондон, публика на секој чекор. Да се трча покрај London Eye и Big Ben, со македонското знаме во раце е нешто што ќе го паметам вечно. Маратонот завршува пред Бакингемската палата, која ја видов за првпат на најубав можен начин, со трчање, со она што ме исполнува и прави среќен. Во септември лани го истрчав и Берлин. Навистина е идеален за трчање, патеката рамна, одлична организација, овде го постигнав мојот најдобар резултат од 3 часа и шест минути. И на крајот на целата линија те чека пиво, најдобро прославување на сопствениот успех.

После две недели следуваше Чикаго, за овој маратон бев веќе уморен бидејќи беше 5-ти маратон во 2017 за мене, целта ми беше да уживам колку можам и да не „бркам" време, тоа и го направив. Чикаго е преубав за трчање, рамен, публика насекаде, вреди и тоа како да се трча. А јас бев среќен заради друга работа, не заради себе, туку заради тоа што Македонија зборот го слушнав едно 100 пати од публиката – гордо објаснува Атанас.

Токио – најдобро организиран маратон

За Токио вели дека бил најдобро организираниот маратон на кој досега учествувал.

- Организациајта на маратонот на највисоко, без ниту една забелешка. Улиците полни публика, рутата рамна, волонтерите неверојатни. Од финиш линијата до оставените торби со алишта за пресоблекување, волонтерите со честитки за нас, со поклонување, со аплаузи...дури ми стана непријатно од толку внимание. Преку лотаријата не успеав да обезбедам учество (очекувано, некои маратонци и после 6-7 години не успеваат да добијат учество). Почнав да контактирам некои луѓе да ми помогнат, не помина и тоа со строгите Јапонци. Испратив преку сто мејлови за да земам учество, но сите одговори беа негативни и со одговор дека веќе сè е пополнето и за 2019 година. Последниот ден од пријавувањето за маратонот ми стигна мејл од шпанска организација дека некој маратонец се откажал и дали сакам јас да го заземам неговото учество, веднаш прифатив и уплатив прилично голема сума пари – ни објасни Наумов.

Со маратонецот Ангел Арнаудов заедно ги истрчаа петте светски маратони


Социјалните мрежи и споделувањата на искуствата помагаат за мотивирање на други луѓе да се занимаваат со овој убав спорт, вели Наумов.

- Во ова модерно време со интернет и социјалниве друштвени апликации, се повеќе и повеќе луѓето ги користат да објават каде истрчале или да прочитат за некој друг што истрчал некаде. Се разбира дека и јас ги користам доста социјалниве апликации за споделување на моите тренинзи и трки на кои ќе учествувам или сум учествувал. После секој маратон споделувам подолг статус од моето искуство за маратонот. Многу луѓе ми кажале дека тоа ги измотивирало и тие да се обидат да почнат да трчаат и учествуваат на некоја трка. Ќе ми пратат слика како завршиле, колку се пресреќни, како почнуваат да размислуваат за следна трка. Исто така, често ме прашуваат за совет, дали да трчат надвор кога температурата е минус, што да облечат, како да тренираат, и се разбира, секогаш со задоволство им одговарам и давам совети.

На нашите читатели им препорачува да си постават приоритет за себе, за своето здравје и тело.

-Спортувајте, трчајте, почувствувајте го духот на трчањето и маратонот. Верувам дека по истрчаната трка ќе размислувате за следна. А спомените секогаш ќе ги носете во себе и гордо ќе се сеќавате на нив. Предизвикајте се самите себеси и се гледаме на Скопски маратон во мај и на старт и на финиш!
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот