X
 17.03.2018 Здравје

ФЗОМ: Ќе ја зголемиме квотата за лекови на државен трошок за овој месец

Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) ќе ги зголеми квотите за лекови на државен трошок за овој месец за 15 милиони денари, кои ќе бидат линеарно распределени по аптеките, најави директорот Ден Дончев. Пациентите подолго време не може да ги добијат пропишаните лекови затоа што аптеките предвреме ги трошат предвидените квоти, па мора да ги купуваат приватно.


Фото: Pixabay

- Оваа мерка стапува на сила веднаш и сметаме дека во секој случај ќе придонесе за намалување на недостигот од лекови кој се создаде во првите 15 дена од месецов. Фондот презема итни, краткорочни и долгорочни мерски за обезбедување лекови на рецепт за осигурениците - истакна Дончев.

Тој посочи дека годинава е предвиден вкупен буџет за лекови од 2,85 милијарди денари, кој е за 100 милиони денари поголем од буџетот од минатата година. Најави и дека ќе се ревидира начинот на кој се определуваат квотите.

Во долгорочните мерки што ги најави, рече дека се предвидува разгледување на можностите за воведување интегриран и ефикасен електронски систем преку вклучување на сите институции и здравствени установи и работници од здравствениот систем со воведување електронско здравствено досие по пациент.

- Бидејќи контролата би била целосна и во реално време се поставува прашањето дали системот на квоти и ограничување е воопшто потребен. Во западно-европските земји системот на квоти не постои бидејќи секој граѓанин кој добива рецепт за лекови на позитивна листа има право да ги подигне во која било аптека и не станува збор за ограничувања. Воведувањето на ваков систем е еден од клучните приоритети. Ова ќе трае две до три години, но веруваме дека воведувањето на овој систем ќе ги постави темелите на менаџирање на македонското здравство на еден модерен начин - рече Дончев.

Според него, единствен начин да бидат сигурни дека нема можни злоупотреби е интегриран информациски здравствен систем, а во меѓувреме системот дава одредена мотивација за евентуално несовесна аптека да продава што поголем број ниско вредносни лекови, а да избегнува поскапи лекови со цел да ја искористи квотата.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје