X
 20.05.2024 Наша тема

Во современото македонско семејство бракот и раѓањето повеќе не претставуваат константа, туку избор

Од помалку присутна, жената станува сè поприсутна во економските процеси, дури и некаде се појавува како движечка сила. Трендот од западните општества во кои жените веќе не се подготвени да ги жртвуваат своите амбиции и напредување во кариерата за улогата на домаќинка почнува да се забележува и кај нас. Жените сè повеќе се насочени остварување на своите амбиции, тие сакаат да работат, да изградат сопствена кариера, да имаат слобода на движење, можност за донесување одлуки, велат авторките на монографијата „Современото македонско семејство“

Д-р Македонка Радуловиќ, проф. д-р Ирена Авировиќ-Бундалевска и проф. д-р Ангелка Кескинова неодамна ја објавија монографијата „Современото македонско семејство“.
Како вработени во Институтот за семејни студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, веќе десет години се занимаваат со прашања поврзани со семејството. Имаат направено голем број микроистражувања за семејствата, бракот, разводот, родителството и слични демографски прашања. Оваа книга претставува заокружување на сите нивни стекнати сознанија. Како што велат, дополнителен мотив претставува недостигот на стручна литература на македонски јазик која подлабоко ги обработува семејството и неговите елементи, а воопшто не постои литература посветена на семејната едукација.

Какво е македонското современо семејство?

Може да се каже дека моделот на нуклеарно семејство како семејна структура која се состои од брачна двојка и нивните деца е олицетворение на македонското семејство. Овој модел се карактеризира со фокусирање на потесното семејство и често повлекува заеднички одговорности и одлучување помеѓу родителите. Нуклеарното семејство го добива своето значење во златната доба на семејството во 50-тите години на XX век, меѓутоа, тоа и денес е еден од најзастапените модели на семејство во современите општества. Овој модел е доста застапен и во македонското општество, особено во урбаните средини, велат авторките на монографијата.



Нивната книга опфаќа широк преглед на семејството и сите негови елементи. Анализирани се сите модели на семејства што се присутни во македонското општество и нивните предности и недостатоци. Потоа, функциите на семејството и на кој начин се изменети, односно какво е нивното значење за современото семејство. Промените на брачниот, родителскиот, но и семејниот живот генерално. Направена е анализа на факторите што влијаат врз семејството, односно предизвиците со кои се соочуваат семејствата и условите во кои се развива македонското семејство. Исто така, анализирани се статистички показатели за брак, развод, наталитет и фертилитет со посебен акцент на периодот од осамостојувањето на Македонија до денес. На крајот, книгата обработува дел посветен на семејната едукација и придобивките од неа за семејствата во нашата земја.

- Ние го отсликуваме семејството според нашите гледишта и сфаќања кои се засноваат, пред сѐ, на сознанијата што ги имаме. Беа земени предвид расположливите податоци од стручна литература, анализи од други автори, современите тенденции во Европа, официјални статистички податоци од Државниот завод за статистика, како и наши истражувања кои досега сме ги правеле - истакнува Македонка Радуловиќ.

Најчест модел - нуклеарното семејство

Додека структурата на поширокото семејство продолжува да биде важна за многу Македонци, влијанието на членовите на поширокото семејство врз одлучувањето и секојдневните работи постепено се намалува во современото време. Помладите генерации сѐ повеќе прават независни избори во врска со кариерата, бракот и воспитувањето на децата.

- Денес, може да се каже дека најчестиот модел на семејство во Македонија е нуклеарното семејство, домаќинство составено од родители и нивните деца, кои обично живеат заедно под еден покрив. Оваа семејна структура во македонското општество често се смета за пофлексибилна на модерниот начин на живот, бидејќи овозможува поголема мобилност и автономија во споредба со моделот на поширокото семејство.
Сепак, важно е да се напомене дека додека нуклеарното семејство станува сѐ повообичаено, Македонија сè уште задржува некои аспекти од традиционалниот модел на проширено семејство, особено во руралните и поконзервативните области. Во овие региони присутни се големи семејства, т.н. „семејни задруги# каде што повеќе генерации живеат заедно под еден покрив или во непосредна близина, задржувајќи ги карактеристиките на патријархатот и традиционалните родови улоги. Иако со послабо темпо, се забележува порастот на еднородителски и вонбрачни семејства и во македонското општество - истакнува Ирена Авировиќ-Бундалевска.



Современото македонското семејство се стеснува и станува сè помало.

- Има опаѓање на распространетоста на аранжмани за живеење со пошироко семејство, каде што повеќе генерации живееле заедно во исто домаќинство. Урбанизацијата, зголемената мобилност и менувањето на општествените норми доведоа до помали семејни единици, при што нуклеарните семејства стануваат сè почести. Современото просечно македонско семејство има 1-2 деца - вели Ангелка Кескинова.

Одложен брак, зголемен број разводи

Исто така, кога станува збор за разлики меѓу традиционалното и современото македонско семејство, тие ги наведуваат:

Одложен брак и родителство: Помладите генерации се фокусираат на образованието, развојот на кариерата и личните цели пред да стапат во брак и да основаат семејство. Ова одложување има импликации за формирањето семејство и времето на раѓање. Така, континуирано сè повеќе се зголемува возраста на склучување брак и раѓање деца.
Зголемени стапки на разводи: Како и многу други општества, и Македонија доживеа зголемување на стапките на разводи. Промената на ставовите кон бракот, зајакнувањето на жените и развојот на општествените норми придонесоа за поголема инциденца на разводи. Од осамостојувањето на земјата речиси трипати е зголемен бројот на разводи.

Променетата улога на жената е една од најкарактеристичните промени од традиционалното семејство. Од помалку присутна, жената во економските процеси станува сè поприсутна, дури некаде се појавува и како движечка сила. Трендот од западните општества во кои жените веќе не се подготвени да ги жртвуваат своите амбиции и напредување во кариерата за улогата на домаќинка почнува да се забележува и кај нас. Жените сè повеќе се насочени кон остварување на своите амбиции, тие сакаат да работат, да изградат сопствена кариера, да имаат слобода на движење, можност за носење одлуки.

Промените во улогите на членовите на семејството генерално. Патријархалното општество, патријархалниот вредносен систем почнува брзо да се менува особено во периодот на транзиција на Република Македонија. Мажите и жените во современите македонски семејства, сè почесто, еднакво ги делат домашните обврски и одлучувањето. Идејата за маж кој е хранител и сопруга домаќинка станува сè помалку распространета, при што и двајцата партнери често придонесуваат за финансиска поддршка и учествуваат во домашните задачи. Традиционалното семејство кое се состоеше од татко кој ги носи финансиите во домот, мајка домаќинка и зависни деца полека исчезнува.

Индивидуализам наместо семеен колективизам - Семеен колективизам бил карактеристичен за македонското традиционално семејство, при што се ставал силен акцент на групната хармонија, лојалност и меѓузависност. Денес се става поголем акцент на индивидуализмот во македонските семејства. Општо гледано, индивидуализмот е глобален тренд на постмодерното општество каде што човекот е центарот на светот и тоа човекот како поединец, а не како припадник на одредено семејство.



Семејствата стануваат помали, но покомплексни

Концептот на „семејство“ значително еволуирал од неговото традиционално јадро. Денешното семејство претставува калеидоскоп на форми, обликувани од комбинација на историски промени, општествени влијанија и индивидуални избори. Во сè повеќе меѓусебно поврзано глобално општество, развојот на технологијата, економските предизвици и културните вредности кои се развиваат го револуционизираа начинот на кој го перципираме и доживуваме семејството.

- Бракот и раѓањето повеќе не претставуваат константа, туку избор. Индивидуализмот го надвладува семејниот колективизам, а либералниот став е сè поприсутен во поимањето на семејството и прифаќањето на промените. Семејствата стануваат помали, но покомплексни, соочени со многу предизвици. Сепак, во рамките на овие трансформации преовладува една непроменлива вистина - семејството, без оглед на неговата структура и големина, останува клучен извор на воспитување, образување, поддршка, љубов и идентитет - заклучуваат авторките.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема