X
 23.03.2020 Живот

За време на полицискиот час фабриките ќе продолжат да работат во смени, со посебни дозволи за работниците

Фабриките ќе работат во смени и во текот на полицискиот час, работниците на работа со посебни дозволи

За време на полицискиот час фабриките и погоните за производство ќе продолжат организирано да работат. Работниците од 21 часот до 6 наутро ќе може да се движат со посебни дозволи за сменска и ноќна работа, одлучи на попладневната седница координативниот кризен штаб на Владата.

Дозволата за движење ќе важи исклучиво за лицето на чие име е издадена. Дозволата ја издава овластено лице во компанијата, а треба да содржи основни податоци за работникот, адресата на живеење, работното место и смената во која е ангажиран работникот.

Ова се препораките за организирање на работниот процес:

- Во погоните каде што непосредно се врши производниот процес да се ограничи бројот на вработени за да може работниците да бидат на растојание од 1,5 до 2 метра.

- Во самиот погон задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција на раце и на работни површини.

- Во текот на работното време вработените да ги почитуваат општите препорачани мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена (зачестено миење на рацете и дезинфекција со употреба на дезинфекциски средства на база на алкохол).

- Да се врши почесто проветрување на работните простории, односно повеќе пати во текот на денот, доколку е тоа можно (преку природна и вештачка вентилација).

- Еднаш неделно да се врши дезинфекција на сите работни простории, особено во погоните, од овластена служба за тоа.

- Во случај на непосреден контакт со позитивен лабораториски потврден случај на Ковид-19 (со или без симптоми), лицето веднаш се изолира и се пријавува до надлежен центар за јавно здравје.

- Да се избегнува контакт на вработените лица од погоните меѓу себе во текот на работниот процес, а особено со административните службеници.

- Во случај на потреба од административна работа, потпишувањето хартиени документи да се спроведува исклучиво преку едно одредено лице кое носи лична заштитна опрема на себе (заштитна маска и ракавици).

- Лицата задолжени за обезбедување на објектот да носат исто така лична заштитна опрема.

- Возачите што дистрибуираат готови производи, репроматеријали, хартиени документи, исто така да носат лична заштитна опрема.

- Да не се одржуваат состаноци/колегиуми, тие да се спроведуваат по телефон или преку е-пошта.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот