X
 04.07.2020 Живот

Обожавателите на хорор-филмови биле подобро подготвени за пандемијата

Психолози сакале да дознаат кој добро се држел за време на пандемијата на коронавирусот и утврдиле дека невообичаена група се издигнала на врвот - обожавателите на хорор-филмови.

Изгледа дека тие се помалку психолошки вознемирени од Ковид-19. Студијата, која неделава беше споделена на интернет, не дава одговор зошто е така, но посочува дека оние што сакаат страшна фикција можеби се подобро подготвени, или во најмала рака способни да останат позитивни во време на страшна пандемија.

Колтан Скривнер, психолог при Универзитетот во Чикаго, кој работел на истражувањето, истакнал дека обожавателите на хорор-филмови зборувале за помалку негативни ментални состојби поврзани со пандемијата, што ги натерало да мислат дека можеби кај хорорите има регулација на емоциите.

За да објасни зошто, психологот го објаснува своето искуство. Тој вели дека гледањето хорори му овозможувало да има искуство да биде исплашен, а потоа да го совлада тој страв.

Марги Кер, истражувач при Универзитетот во Питсбург, која не работела на студијата, вели дека ќе се воздржи од расудување додека не биде прегледано истражувањето, но дека била љубопитна за скриената причина зошто љубителите на хорори се пооптимистички.

- Дали станува збор за учење подобра регулација на емоциите преку гледање хорор-филмови или тие некако се подобри во регулацијата на емоциите - вели таа.


Но, она што е јасно е дека луѓето што сакаат подобро да се справат со пандемијата не можат едноставно да имаат маратон од хорори и да бидат поздрави.

- Има многу други фактори - вели Скривнер.


Извор: Futurism
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот