X
 26.04.2018 Образование

Летаргија и недоверба владеат кај младите за студентското организирање

Само 10,3% од 669 студенти велат дека некогаш биле вклучени во некои од активностите организирани од СПФ или СПУКМ, покажа истражувањето на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“


Студентите се слабо запознаени со работата и постоењето на студентските парламенти при нивните факултети, повеќето не сакаат да гласаат на избори на студентски претставници, сакаат неформални здруженија, не добиваат доволно информации, ова се дел од заклучоците на истражувањето „Перцепцијата на студентите на УКИМ за нивно организирање и претставување: состојби, проблеми, потреби, модалитети и решенија“, што го реализира Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Резултатите беа промовирани вчера.

Во истражувањето учествуваа 669 студенти, од кои 61,4 отсто женски, 33,2 машки, а 5,4 не одговориле на прашањето. Најмногу учесници се од Економски и од Правен факултет, а веднаш по нив биле студентите од Филозофскиот, Медицинскиот факултет и од ФИНКИ.
Раководител на проектот е професорката Елеонора Серафимовска, а во него учествуваа и професорите Мирјана Најчевска, Ганка Цветанова, Горан Јанев, Маријана Марковиќ и Бојана Наумовска.

Криза на учество на младите во процесите на одлучување

Кога станува збор за влијанието на младите во процесите на одлучување, податоците од ова истражување покажуваат многу мало или никакво влијание во најголем број од одговорите на анкетираните млади луѓе.
- Кризата на учеството на студентите во процесите на одлучување во Македонија е видлива како во подготвеноста на студентите активно да се вклучат во процесите на одлучување за прашањата од нивен интерес во рамките на факултетот на кој студираат, така и во подготвеноста за каков било ангажман во формалните студентски здружувања (како тела низ кои би се остварувало ова влијание) – стои во истражувањето.
Не случајно доаѓа до ситуација кога, од една страна, се многу присутни изјавите: „Во Македонија е крајно време да се слушне гласот на младите“, а, од друга, се намалува вербата кај кај младите дека навистина можат да влијаат врз процесите на одлучување, посочуваат истражувачите.
Многу е важен и политичкиот контекст во периодот 2015-2017 година, кога многу студенти најдоа решение во неформалното дејствување, како што беше Студентскиот пленум, кој со користење на новите дигитални технологии успеа не само да учествува во процесите на одлучување туку и да стане двигател на клучни промени, токму од позиција на спротивставување на формалното здружување. Неформалното здружување на студентите отворено се спротивстави на практиките на дотогашното формално студентско дејствување и побара негова целосна реорганизација.

Невидлива работата на СПУКМ

Во однос на вклучувањето на студентите во работата на студентската организација се добија сосема негативни резултати, велат истражувачите. Само 10,3% од анкетираните студенти изјавиле дека некогаш биле вклучени во некои од активностите организирани од СПФ или СПУКМ, додека 47,2% слушнале за некои активности, ама не биле дел од нив. Преостанатите 41,3% никогаш не слушнале за некои вакви активности.


Слични се процентите и за запознаеноста на студентите со работата на студентскиот парламент при нивниот факултет: 57,1% од испитаните воопшто или главно не се запознаени, 24,7% се делумно запознаени, а 17,5% се добро или одлично запознаени. Колку се запознаени студентите со основните документи што ги регулираат правата и обврските, како што се Законот за високо образование и статутите и правилниците на студентските организации? Речиси 75 отсто не се запознаени со статутот на СПУКМ.

Иако е голем бројот (речиси 81%) на оние до кои не допрел никаков извештај за тековно или финансиско работење на СПФ, сепак, барем 18% изјавиле дека добиваат такви информации. Уште поголема нетранспарентност се уочува од податокот дека дури речиси 94% од анкетираните студенти не добиваат никакви информации од СПУКМ во вид на тековно или финансиско работење, а само 5% дале потврден одговор.
Само 10,3% од анкетираните студенти изјавиле дека некогаш биле вклучени во некои од активностите организирани од СПФ или СПУКМ, додека 47,2% слушнале за некои активности, ама не биле вклучени во нив.
251 студент одговориле дека се делумно задоволни од работата на СПУКМ, а воопшто незадоволни - 110.

Слаба доверба во актуелните облици на организирање

„Да знаев кога е гласањето, ќе гласав“ - вака најмногу студенти одговориле на прашањето дали гласаат на изборите на раководство на студентските организации. Највисок е процентот на студенти што ги познаваат своите претставници во студентските парламенти на Земјоделскиот факултет, Медицинскиот факултет и на ФИНКИ, додека, пак, од другата страна се наоѓаат студентите од Архитектонскиот факултет, Природно-математичкиот факултет и Филолошкиот, кои во многу мал процент ги познаваат своите претставници.

- Не добивме изненадувачки податоци, но издигнати на ниво на непобитни факти сознанијата се навистина алармантни, од една страна, поради незаинтересираност на студентите за каков било облик на активизам и организирање, а, од друга страна, поради очигледните минимални ефекти од постојното студентско организирање. Перцепциите и ставовите на испитаните студенти во ова истражување ја потврдуваат општата слика за летаргичност и недоверба во постојните облици на студентско организирање, но донекаде и укажуваат за можните причини што можат да се лоцираат во слабата доверба што студентската организација успеала да ја изгради кај своите конституенти – се вели во истражувањето.

Еден од показателите дека студентите не се рамнодушни кон процесите на одлучување и нивното влијание во овие процеси е и нивниот став за промените што би требало да бидат направени со цел да се зголеми влијанието што го имаат.
Mнозинството смета дека треба да се сменат начинот на организирање на студентите (72,3 отсто) и начинот на избор на студентските претставници (61,8). Дури 83 отсто одговориле дека им недостига неформално студентско здружување и посакуваат Студентскиот пленум да продолжи активно да постои.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование