X
 01.03.2019 Култура

Танцот над езерото

Уште едно мирно и тивко преспанско утро.

Ноќта ја преспав како никогаш да не сум спиел, како првпат да открив што всушност претставува спиењето. Потполна тишина во совршена темнина... Разбудувањето беше тешко.

Денот почна со облаци... Свежо е и полека се разведрува...

По секојдневните утрински ритуали, кои и овој пат се трудев да не ги правам по автоматизам, заседнав на терасичката со поглед кон совршенство! Најблиску пред мене, овоштарник со јаболка и со понекој орев, тек-тук. Потаму, надолу, до каде што достига погледот, волшебно синило на езерото оградено со венец од планини што личат на колона од натоварени камили во пустина. А небото над мене... Ех, а небото... Небото над Преспа е како да го нема! Сè што досега сум видел, а било наречено небо, овде не важи. Скоро секогаш на него ќе се најде понекој облак, а скоро никогаш не врне. Кога насекаде во околината се слушаат грмежи и дождот истура, овде само   проросува на ден-два и толку. Понекогаш помислувам дека овде небото е живо и интелигентно суштество кое донесува одлуки кога и како ќе му текне.

Додека така низ главатa ми се маткаа мисли гледајќи го небото, листовите од хартија, на кои се обидував да запишам нешто од надојдените мисли и чувства, ги спуштив за момент на празниот стол до мене. Тогаш, силен ветар дувна од нигде-никаде, ми ги оддува и ги однесе. Се насмевнав на помислата дека ми нуди можност да разберам нешто вредно, нешто многу поучно. Како да сакаше да ми каже:

„Не обидувај се да запишуваш и опишуваш совршенство! Само чувствувај го и живеј го моментот! Сега и овде!“

Се присетив на сите нас кои се обидуваме да го фатиме моментот на совршенство, на едноста со сè, на она што всушност и сме секогаш и во секој момент од нашето постоење, ама тоа не го знаеме, или повторно и повторно го забораваме. Најчесто, совршенството на моментот се обидуваме да го фатиме и задржиме, да го опишеме на разни начини, како со: фотографирање, поретко со пишување, а уште поретко со сликање и со компонирање музика. Ретко кој успева барем трошка од сето тоа да го пренесе онака како што е, како што во потполност го чувствува и доживува. Оние подобрите, повештите и покреативните во тоа пренесување ги нарекуваме уметници...

Листовите хартија се закачија на оградата од терасата, на метар од мене, налево. Не сакаа да си заминат. Има уште толку многу запишување на нив. Нивната цел, нивната мисија, сè уште не е завршена. Тоа и нив самите им беше јасно...

Всушност, целата приказна утрово тргна од орелот. Од големата, величествена птица што леташе   прво пред мене, пониско, накај езерото, а потоа отиде лево од мене, накај Пелистер, многу повисоко и заврши горе под облаците, точно под сонцето кое беше сè уште на исток, но веќе искачено високо во доцното утро.

Сè почна од него. Од птицата-симбол на слободата, моќта... Моќта за ослободување.

Се поттргнувам од сонцето малку надесно, под стреата. Ме пече, ме жежи. Од сонцето кое толку многу го сакам и постојано го барам. Ама тоа е една друга, поинаква приказна...

Да се вратам на орелот. Кога го забележав долу накај езерото, малку надесно накај Галичица, леташе ниско. Всушност, не леташе, туку пловеше во воздухот со широко раширени крилја. Прво помислив - ете го овој, лови! Ќе убие некое невино зајаче или глувче. А следната помисла ми беше – а што да прави, мора, за да преживее... Чудни закони на чудесната природа. Додека така размислував, забележав дека орелот пополека се издигнува нагоре. Прво со неколку замавнувања со крилјата, а потоа без никаков напор, како да беше вкочанет, како неживо суштество. Барем така изгледаше. Да! Помислив. Фатил струење на топол воздух, кој како вител се движи нагоре, честа појава во вакви, променливи денови. Патот на неговото издигнување, возвишување, беше спирален. Еве, си реков во себе, еве доказ на едниот од многуте закони по кои се одвиваат нештата во овој наш универзум, во оваа матрица во која живееме, постоиме. Правилото на октава чијшто резултат е спиралата. Но, и тоа е една друга, поинаква приказна...

Во еден момент, повторно без видлив напор, орелот го смени своето пловење и отиде накосо, но сè уште движејќи се нагоре, за веднаш потоа, покажувајќи мал напор, да замавне со крилјата   еднаш, двапати и да јавне друг топол бран, продолжувајќи го својот величествен спирален танц. Во тој маневар забележав дека во дел од секундата ја изгуби висината на која што леташе. Потона надолу, за веднаш потоа повторно да се издигне и тоа сега многу повисоко од пред падот. За цело време на овој чин тој не помрдна ниту еден пердув од својата пердувеста облека, затоа што знаеше дека падот е природен дел од секое издигнување.

Другиот топол бран можеби и не беше друг. Можеби тоа беше истиот од пред тоа кој орелот, за момент губејќи го, губејќи се себеси, повторно го најде и јавна, но во ова совршенство на   неговото пловење тоа беше совршено неважно. Само еден совршено мал замав на неговите   совршени крилја го врати на патот за нагоре. Секако, покрај одлучноста што ја имаше, орелот знаеше дека токму тој топол, спирален воздух ќе му помогне да се крене високо, уште повисоко од предмалку, од вчера, од лани...

Во тој миг си помислив колку ќе беше убаво да можам воздухот над целото езеро да го гледам во различни бои. Поладниот во потемни, а потоплиот во посветли. Нешто како спектарот на сончевата светлина, како виножитото. Така, во секое време точно ќе знаев каде се наоѓа топлиот воздух, каде орелот ќе се движи и каде точно ќе заврши неговиот пловечки танц. Но, помислив, не е сè во гледањето за да се знаат нештата, туку треба и да се види тоа што навидум е невидливо, без гледање. Орелот тоа добро го знаеше...

Додека го запишував претходново и бев задлабочен во наоѓање на вистинските зборови на овој прекрасен танц на орелот, нешто што е навистина скоро невозможно да се направи, погледнав пак на небото и еве го пак! Сега дури ми е поблиску, тука, веднаш над мене. Ене понатаму уште еден, со бели крилја и личи на штрк. Го прави истото како и првиов, но овој замавнува со крилјата повеќепати. Очигледно си има свој начин на летање кон сонцето. Сигурно е од некоја друга религија, реков наглас, а немајќи друга публика, самиот се насмеав.

Гледајќи ги како се искачуваат нагоре накај сонцето, јасно ми беше дека сега не ловат. Сигурно не ловат. Да се качуваат толку високо за да си дојдат дома во гнездото, некако ми беше нелогично, затоа што планината на нивните можни гнезда е многу подалеку, таму назад, накај исток. И одеднаш ми светна! Тие едноставно пловеа на небото префрлувајќи се од еден на друг топол спирален воздух, играјќи си како деца што скокаат од едно во друго вирче со вода. Едноставно си играа, уживајќи притоа во секој момент, во целата таа заемна совршеност на сонцето, воздухот и планините од една страна и широко распространите крилја на нивната, навидум, маленкост, од друга страна.

Тие беа живи и знаеја дека се! Сега и овде!

Им се заблагодарив на орлите што ми го приредија и подарија овој волшебен танц над езерото, што ми подарија уште една моќна лекција за живеењето, постоењето, играњето, неоткажувањето од сите летови кон сонцето што животот ни ги нуди. Ги прибрав листовите хартија на купче, внимателно, како да собирам скапоцени камења, и се симнав долу во кујната...

Да јадам.


Автор на расказот е Сашо Ристоски, гостиварец, роден на 2 април 1968 во Битола. Минатиот век живееше во Скопје, а овој во Нови Сад. По струка металуршки инженер, работи во маркетинг. Со пишување песни и раскази се занимава од 1993 година.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура