X
 01.04.2024 Наша тема

Ученици од Македонија пет дена во вселенска мисија - поминаа обука како за космонаути во Белгија

Четворица седмоодделенци од ОУ„Климент Охридски“ од Битола беа на 35-часовна обука во Европскиот вселенски центар во Брисел, Белгија, каде што поминаа низ многубројни симулации кои им покажаа како е да се лета во вселената

Користејќи вселенски ротор, ја почувствуваа центрифугалната сила што ја чувствуваат космонаутите при лансирањето на ракетите. Искусија лизгалка за слободно паѓање, бестежинска состојба преку ѕид на нулта гравитација, ротациски столови како да се во вселенско летало, а преку симулации одеа по површината на Марс и на Месечината. Ова се само дел од несекојдневните искуства што ги стекнаа четворицата седмоодделенци од Основното училиште „Климент Охридски“ од Битола: Наум Велчевски, Сара Марија Димановска, Луна Мојановска и Давор Димовски во вселенската мисија што ја имаа во Европскиот вселенски центар (Euro Space Centar) во Брисел, Белгија. 

Тие беа на петдневен камп каде што преку симулации имаа можност да ги доживеат искуствата што ги имаат астронаутите при нивното патување во вселената, како и да стекнат пошироки знаења од физиката, астронаутиката, англискиот јазик и други научни дисциплини.



Вселенскиот ротор ги прилепи за ѕид, во бестежинска состојба ги движеше хидрауличен систем

- Голем впечаток му остави вселенскиот ротор, имаше центрифугална сила која нѐ залепи за ѕидот како со лепило. Гравитацијата од центарот на телото се премести кон грбот и затоа се залепивме на ѕидот. Не се исплашивме. Седмо одделение сум и физика ќе учам в година, но ова искуство ќе ми даде предзнаења. Астрономијата отсекогаш ме интересирала. Го искусив и симулаторот за спејс шатл, во кој бев пилот. Имаше многу копчиња и од контролната кула добивавме инструкции што да притиснеме. Мисијата траеше три часа - раскажува Наум Велчевски.


Заедно со него пилотираше и Сара Марија Димановска. Таа беше вклучена и во поправка на сателити со хидрауличен систем кој ги подигнуваше учениците на висина од неколку метри, па долу, па лево-десно зашто беа во простор со нулта гравитација.



- Најинтересна ми беше поправката на сателитите. Работевме во групи и имавме задачи. Оној што знаеше најмногу англиски им кажуваше на другите што треба да прават. Требаше да се поврзат жици и на крај да се склопи целиот сателит. Активноста се викаше ѕид на нулта гравитација, имаше бестежинска состојба и нѐ креваше хидрауличниот систем. Бевме како во стол, но моравме да се движиме како да се искачуваме низ воздухот - раскажува Димановска.

Со ротационите столови почувствуваа како е да се лета во вселената

Луна Мојановска го испроба ротациониот стол која ѝ го долови чувството што го имаат космонаутите додека патуваат во вселената.



- Столот нѐ вртеше, требаше да ги затвориме очите на 40 секунди и кога ќе ги отвориме, да се фокусираме на една точка, но тоа беше тешко. На испит беа ставени поврзаноста на центарот за вид со оној за рамнотежа. Ние се вртевме нецела минута, а астронаутите вежбаат по 2 часа секој ден на тој ротационен стол. Целта е да се воспостави брза концентрација - раскажува Луна.



Имаше и ротационен стол што се вртеше во три различни оски.

- Се состоеше од повеќе прстени што се вратат за 2 минути. Седнуваш на столот, те врзуваат и почнуваш да се вртиш, и тоа е чувство како да лебдиш во вселената. По ова искуство мислам дека да биде астронаут е многу предизвикувачка професија - рече ученикот Давор Димовски.



Од девет тима со ученици, први на квизот

Љупка Петкова, наставничка по англиски јазик која ги предводеше учениците, вели дека Европскиот вселенски центар претставува научен музеј и образовна атракција посветена на астронаутиката и на вселенската наука. Учениците таму имале 35-часовна обука поделена во 5 дена. Првиот дел од активностите се однесувал на астронаутиката, односно симулации на искуства кои ги имаа астронаутите при патувања во вселената. Вториот бил посветен на експерименти и работилници, во третиот дел учеле за вселената и за сите научници и космонаути што дале придонес во нејзиното откривање. Посетиле планетариум, следеле вселенска станица која орбитира околу Земјата, во селото Марс работеле со роботи насочувајќи ги како да се движат низ површината.



- На крај имаше квиз за оценување на знаењата стекнати на петдневната обука и нашиот тим покажаа најдобри резултати - освои прво место. Учениците се стекнаа со предзнаења од физиката за вакуум-простор, центрифугална сила, гравитација и друго. Постојано го користеа англискиот јазик, развиваа комуникациски вештини, се дружеа и стекнаа пошироки знаења, им се проширија хоризонтите - рече Петкова.



Над 70 ученици од ОУ „Климент Охридски“ биле на образовани размени во странство

Директорката на училиштето, Гордана Анастасова, посочи дека проектот „Роботиката - вчера денес и утре и влијанието врз климатските промени“ е поддржан преку Еразмус+ програмата, а учествуваат осум други држави покрај Македонија.



- Се реализираа многу активности, учениците посетуваа различни обуки и тренинзи, стекнуваа искуства и вештини од областа на роботиката и климатските промени. Но, пред сѐ, се развиваше социјалниот аспект зашто комуницираа со другарчиња од други земји, тимови, соработуваа, се дружеа, а тие пријателства продолжуваат и по реализираната размена - рече Анастасова.

ОУ „Климент Охридски“ е вклучено во Еразмус-проекти од 2016 година и голем број ученици и наставници учествувале во размени. Најголеми се придобивките за училиштето зашто во него се применуваат стекнатите знаења и искуства.



- Со досегашните проекти беа опфатени околу 70 ученици и 13 наставници. Сме биле во Италија, Франција, Белгија, Бугарија, Турција, Шпанија, Полска, Португалија, Германија, Норвешка, Данска... Од секаде го преземаме искуството и колку што можеме го искористуваме во наставата. Еден од финалните резултати е примената на Програмата за искуствено учење на отворено, како и Програмата за професионално насочување на учениците. Изработени се голем број статии и прирачници на кои сме автори и коавтори, кои остануваат како трајна вредност и имаат и меѓународно ИБАН бројче - вели Виолета Стевановска, одделенски наставник и главен координатор на проектот.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Наша тема