X
 01.09.2022 Живот

Винскиот музеј - Кавадарци го најави ликовниот перформанс „Тиквешко сонце“

Во Винскиот музеј - Кавадарци вчера беше најавен ликовниот перформанс „Тиквешко сонце“, целодневен настан што музејот на 7 септември ќе го организира заедно со Друштвото на ликовни уметници - Кавадарци (ДЛУК), во рамките на годинешната манифестација „Тиквешки гроздобер”.

Соња Самарџиева Поп Ицов, претседател на ДЛУК, информираше дека десет ликовни уметници од Кавадарци ќе творат во прекрасниот амбиент на дворот на музејот, на тема тиквешки гроздобер, како дел од традицијата во овој крај.

-Виното претставува нераскинлив сегмент од животот на Македонците кои ја негувале оваа култура, а богот на виното, Дионис, бил едно од најславените божества во античката митологија. Тиквешкиот Регион бил колевка на лозарството и винарството, а уметниците знаеле да ја пренесат оваа традиција низ слика. Ние како друштво постоиме 40 години и првенствено имаме цел да го промовираме културното богатство во нашата заедница, преку одржување вакви културни настани. Уметниците ќе ги изработуваат сликите во текот на денот и посетителите ќе имаат можност да го следат овој креативен процес од бело платно, до готова слика - рече Самарџиева Поп Ицов.

Директорката на музејот, Весела Честоева, соопшти дека во рамките на овој проект ќе се одржи и презентација на вина од тиквешкиот крај.

-Тоа е исто така можност за ширење на нашата винска култура, за промоција на лозаровинарството што е од огромно значење за тиквешкиот регион но и пошироко. Овој настан е важен и за дополнителен развој на туризмот. Проектот е финансиран од кавадаречката локална самоуправа, како дел од проектите за финансирање на невладини организации и здруженија на граѓани - рече Честоева.

По завршувањето на ликовниот перформанс, вечерта ќе се одржи изложба при Домот на културата „Иван Мазов Климе”, ќе бидат презентирани изработените ликовни дела и ќе може да се дегустираат вина од тиквешкиот крај.

Честоева нагласи дека со овој настан ќе се одбележат денот на градот, како и две години постоење на музејот.

-Дури и во услови на пандемија од коронавирус, музејот имаше гости, со почитување на
превентивни мерки. За две години, музејската поставка ја имаат посетено над шест илјади посетители. Беа реализирани над 40 настани со што ја потврдивме тезата дека овој музеј ги исполнува очекувањата на сите чинители во општеството. Музејот беше домаќин на гости од Бугарија, Србија, Данска, Полска, Холандија, Словенија, Хрватска, Италија. Имаше многу дегустации во соработка со винарските визби, промоции, изложби, вински фестивал, вински базар, концерти, хуманитарни настани, еколошки акции и многу други активности. Промоцијата на културното наследство е наш приоритет и затоа се обврзуваме дека нашата успешна приказна продолжува - рече Честоева.
На ликовниот перформанс ќе учествуваат уметниците Соња Самарџиева Поп Ицов, Димитар Самарџиев, Лазар Дојчинов, Симона Манчева, Владимир Темков, Ванчо Кеков, Горан Боев, Ива Јосифова, Ќиро Јосифов и Трајче Јованов.
Веќе е изработена реплика на „Бахус“ од Караваџо од Соња Самарџиева Поп Ицов, ќе биде подарена за општинската галерија, како дел од овој настан.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот