X
 02.03.2019 Забава

Најдобрата шега наменета за менаџерите на човечки ресурси

Менаџерка на човечки ресурси била удрена од автобус, по што умрела. Нејзината душа пристигнала до рајските градини, каде што ја пречекал св. Петар.

- Пред да се сместиш, имаме мал проблем. Никогаш претходно менаџер на човечки ресурси не стигнал толку далеку, така што не сме сигурни што да правиме со тебе - ѝ рекол св. Петар.

- Аха... Не можете едноставно да ме пуштите? - му одговорила жената.

- Би сакал. Но, имам повисоки наредби. Дадени ми се инструкции да поминеш еден ден во пеколот и еден ден во рајот, па потоа да одлучиш каде би сакала да одиш - ѝ рекол св. Петар.

- Би претпочитала да одам во рајот - рекла жената.

- Извини, имаме правила - ѝ рече св. Петар и ја испратил до лифтот што водел до пеколот.

2
Фото: Bibbin Z Thomas


Како што се отворила вратата од пеколот, жената се нашла на прекрасен терен за голф. Во далечината се гледало кафуле; околу неа имало многу пријатели, поранешни колеги, сите дотерани и убаво облечени, среќни, навивале за неа. Оделе до неа и ја бакнувале на двата образи и разговарале за старите добри времиња.

Играле голф и потоа отишле во кафулето каде што таа уживала во јадењето. Се сретнала со ѓаволот (кој бил многу фин) и одлично си поминала раскажувајќи шеги и танцувајќи.

Времето ѝ поминало брзо и требало да замине. Сите се поздравиле со неа и таа се качила во лифтот. Лифтот ја однел во рајот, каде што ја чекал св. Петар.

- Сега треба да поминеш време и во рајот - ѝ рекол тој.

Наредните 24 часа ги поминала на облаци, свирејќи на харфа и пеејќи, што било исто толку добро колку и во пеколот. На крајот од денот св. Петар се вратил.

- Помина ден во пеколот и ден во рајот. Мораш да избереш каде ќе одиш - ѝ рекол тој.

Жената се подзамислила и му одговорила:

- Рајот е навистина прекрасен, но подобро си поминав во пеколот. Го избирам пеколот.

Св. Петар ја однел повторно до лифтот и таа повторно се вратила во пеколот. Кога се отвориле вратите од лифтот, таа се нашла среде пустелија покриена со ѓубре и нечистотија. Ги видела своите пријатели облечени во партали како собираат ѓубре и како го ставаат во стари вреќи. Ѓаволот отишол до неа и ја прегрнал.

- Не сфаќам. Претходно кога бев тука, имаше терен за голф и кафуле. Јадевме и танцувавме и сите преубаво си поминавме. Сега сето ова е пустелија полна со ѓубре, а моите пријатели изгледаат мизерно - му рекла таа на ѓаволот.

Ѓаволот ја погледнал, ѝ се насмевнал и ѝ рекол: - Вчера те регрутиравме тебе, денес ти си дел од персоналот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава