X
 02.05.2018 Забава

Сѐ за омилениот професор, учениците му ја исполниле најголемата желба

Џо Лара, професор по шпански јазик од едно средно училиште во Аризона, најверојатно цел живот ќе го памети последниот ден како наставник. Овој професор, кого учениците го обожавале, често споменувал дека сака да има патики од линијата „Air Jordan“, но со платата што ја земал, му биле само сон. Затоа учениците решиле да ја земат работата во свои раце.

Последниот работен ден на Џо како наставник бил и денот кога тој бил роден. Но, тој не очекувал такво изненадување од своите ученици. Тие одлучиле да му ги купат патиките за кои тој зборувал десетина години.

-Со оглед на тоа дека нашиот професор си заминува и денес му е роденден, одлучивме да му ги купиме патиките за кои ни зборува секој ден - напиша Сејлор Каутермарш, една од ученичките што го организирале купувањето.

Професорот не можел да ги скрие среќата, изненадувањето и емоциите, а снимката со неговата реакција ги преплави социјалните мрежи и само на „Твитер“ собра околу 470 илјади лајкови.

- Нема шанси... веројатно не сте... о Боже - цело време извикува професорот додека ги одмотува патиките.

И тука не е крајот на приказната. Снимката, која има над 5,6 милиони прегледи, беше споделена и од страна на компанијата на Мајкл Џордан, од каде што напишаа дека се почестени да бидат дел од неговата училница.


- Господин Лара ви испраќа голема благодарност! Вие сте му идол, а во патиките е заљубен - му одговори на Џордан ученичката Сејлор, чиј твит го обиколи светот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава