X
 20.04.2024 Живот

Колено на домаќинката - симптоми, дијагноза и третман

Коленото на домаќинката е состојба во литературата позната како препателарен бурзитис. Оваа состојба е предизвикана од воспаление на една малечка кесичка исполнета со течност (бурза), која е локализирана пред чашката на коленото. Оваа состојба почесто се случува откако ќе поминете долги временски периоди клечејќи, вршејќи директен механички притисок врз чашката на коленото (пателата). 

Историски гледано, ова била типична појава за домаќинките и куќните помошнички, кои поминувале долги периоди на колена чистејќи го подот; оттука и терминот коленото на домаќинката.



Мало медицинско појаснување: бурзитис во буквален медицински превод значи воспаление на бурза. Бурза е мала кесичка со течност со тенка обвивка. Во телото има голем број бурзи. Бурзите обично се наоѓаат околу зглобовите и на места каде што лигаментите и тетивите минуваат над коските. Може да се најдат и на други места, односно места каде што постојат високи нивоа на притисок или триење.

Општо земено, функцијата на бурзата е да помогне во намалување на триењето и да овозможи максимален опсег на движење околу зглобовите. Кога има воспаление во бурзата (бурзитис), таа отекува поради зголемување на количината на течност.

Постојат четири бурзи лоцирани околу зглобот на коленото. Сите тие се речиси еднакво склони кон појава на воспаление. Сепак, најчесто е зафатена бурзата помеѓу кожата и капачето на коленото (препателарната бурса).



Коленото на домаќинката е име дадено токму поради тоа што се работи за воспаление на препателарната бурса, па оттука доаѓа и името претпателарен бурзитис.

Постојат голем број различни фактори кои можат да ја предизвикаат оваа состојба:

Ненадејна, еднократна, трауматска повреда на коленото

Ова може да биде, на пример, пад или директен удар на коленото;

Рекурентна (повторувачка) повреда на коленото


Подолготрајна, репетитивна повреда, односно повторувачки микротрауми;

Инфекција

Течноста во препателарната кеса може да се инфицира и да предизвика воспаление. Ова е познато како септичен бурзитис. Тоа е особено честа појава кај деца. Ова обично следува по исеченица, гребење или повреда на кожата на површината на коленото што им овозможува на бактериите да имаат влезна врата и да се пробијат во бурзата;

Друга воспалителна болест


Ако веќе имате воспалителна болест како што е ревматоиден артритис, имате зголемен ризик од развој на бурзитис. Ревматоидниот артритис е форма на артритис што предизвикува воспаление, болка и отекување на зглобовите;

Гихт

Ако имате гихт или псевдогихт, имате зголемен ризик од развој на бурзитис. Гихтот е предизвикан од таложење кристали на урична киселина. Уричната киселина е хемикалија во крвта која обично е безопасна и се излачува со урината. Кај гихт, таа се акумулира и се собира во зглобот, предизвикувајќи болка, воспаление и отекување;

СИМПТОМИ

Симптомите на коленото вклучуваат:

-Болка;

-Оток;

-Црвенило;

-Тешкотии при одење и виткање;

Препателарниот бурзитис не е појава само кај женската популација, туку исто така се јавува и кај мажи кои поминуваат долги временски периоди клекнати - на пример, монтери на теписи, бетонски облоги и покриви.

ДИЈАГНОЗА

Обично не ви се потребни никакви рендгенски снимки или дополнителни испитувања за да се дијагностицира оваа појава, дијагнозата најчесто може да се воспостави според клиничкиот преглед.

ТРЕТМАН

Опциите за третман зависат од тоа дали состојбата е предизвикана од инфекција.

Ако се смета дека состојбата е предизвикана од инфекција, може да се извади течност од коленото од страна на лекар специјалист. Оваа течност потоа се испраќа во лабораторија за микробиолошки тестови и анализи.

Доколку се исклучи појава на инфекција, од наше досегашно искуство, оваа состојба е самолимитирачка и најчесто поминува со примена на конзервативен третман.

Може да се предложи следново:

-Одмор;

-Употреба на ледени пакувања и топична примена на борова вода;

Употребата на густа пена или влошки за колена може да помогне да се спречи враќањето на состојбата.

Во исклучително ретки случаи, кога оваа состојба не исчезнува или постојано се враќа и предизвикува неподносливи симптоми, може да биде неопходна операција.

Автор: д-р Корнелија Ѓорѓиеска, лиценциран доктор по општа медицина

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот