X
 02.11.2023 Здравје

Научниците предлагаат да се стават предупредувања на храната како на цигарите

Луѓето се навикнати да гледаат предупредувања на тутунските производи за потенцијално смртоносни здравствени ризици. Сега една студија покажува дека сличното означување на храната може да доведе до намалување на внесот на месо и месни производи.

Истражувањето од Универзитетот „Дурам“ откри дека предупредувањата кои вклучуваат графичка слика - слични на оние што предупредуваат за импотенција, срцеви заболувања или рак на белите дробови на цигарите - можат да го намалат изборот на месо како состојка во оброкот. Тоа е промена која би можела да има големо влијание врз иднината на планетата.

Според неодамнешна анкета, 72 отсто од населението во Обединетото Кралство јаде месо. Сепак, Комитетот за климатски промени, кој ја советува владата за нејзините цели поврзани со испуштањето штетни гасови во атмосферата, смета дека земјата мора да ја намали потрошувачката на месо за 20 отсто до 2030 година и за 50 отсто до 2050 година за да ги исполни целите.

Според истражувачите, предупредувањата се најефикасни во одвраќањето на учесниците од навиките за јадење месо, намалувајќи го нивниот избор за 10 отсто. Здравствените предупредувања го намалиле изборот на храна со месо за 8 отсто, а оние за климата за 7 отсто.

Истражувачите веруваат дека нивните наоди би можеле да помогнат да се поттикнат промените во изборот на јадење што на крајот би можело да биде од корист за животната средина.

- Постигнувањето нето-нула е приоритет за нацијата и за планетата. Бидејќи веќе се покажа дека предупредувачките етикети го намалуваат пушењето, како и потрошувачката на зашеќерени пијалаци и алкохол, употребата на предупредувачка ознака на производите што содржат месо може да ни помогне да го постигнеме ова ако се воведе на национално ниво - вели Џек Хјуз, кој ја водел студијата.

Извор: Klix
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје