X
 03.01.2024 Живот

Над 50.000 загинати во земјотресот во Турција, а 48 во Јапонија: Како Јапонците прават згради што не се уриваат?

Најмалку 48 лица загинаа во земјотресот со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала што ја погоди Јапонија. Спасувачките тимови се обидуваат да стигнат до изолираните области каде што се урнаа зградите и каде што се уништени патиштата.

Од друга страна, над 50.000 луѓе загинаа во земјотрес со слична јачина во Турција. Зошто има толкава драстична разлика во бројот на жртви?

Поради уништените патишта, хеликоптерското извидување открило уништување на згради и инфраструктура. Околу 1.000 куќи се уништени во близина на епицентарот на земјотресот. Иако штетите во Јапонија се големи, не се ни блиску до она што минатата година го предизвика земјотресот со слична јачина во Турција.

Во серија земјотреси што ги погодија Турција и Сирија во февруари 2023 година, од кои најсилниот беше со јачина од 7,8 степени, загинаа речиси 60.000 луѓе. Целиот пограничен регион беше опустошен, а куќите и зградите паѓаа како кули од карти.

Во тоа време многумина се обидуваа да разберат зошто оваа природна катастрофа, за која Турција наводно се подготвувала повеќе од 20 години, предизвикала толку голема штета на инфраструктурата.

Сепак, постои една земја која со децении е пред остатокот од светот кога станува збор за градење згради отпорни на земјотреси. Заедно со подвизите на модерното инженерство, јапонските згради отпорни на земјотреси ѝ помогнаа на земјата да се справи со многубројните силни земјотреси кои би биле катастрофални за остатокот од светот.

Напредокот во дизајнот на зградите отпорни на земјотреси е неопходен во Јапонија. Оваа островска држава се наоѓа на таканаречениот огнен прстен на Тихиот Океан, зона во која евроазиската, пацифичката и филипинската плоча лежат една под друга. Овој огромен притисок повремено доведува до огромно ослободување на енергија што резултира со земјотреси.

Три стандарди на издржливост

Јапонија претрпе многубројни земјотреси во текот на својата историја, а еден од најлошите беше големиот земјотрес Канто во 1923 година. Овој земјотрес бил со јачина од 7,9 степени според Рихтеровата скала, а ги опустошил Токио и Јокохама и убил над 140.000 луѓе.

По Втората светска војна, јапонската влада вовела низа строги мерки за да ги принуди градежниците да градат згради отпорни на земјотреси. Ова се јапонските стандарди за отпорност на земјотреси во зградите:

Таишин: Ова е минималниот услов за зградите отпорни на земјотреси во Јапонија и налага гредите, столбовите и ѕидовите да бидат со минимална дебелина што можат да издржат тресење.

Сеишин: Наредното ниво се препорачува за високи згради и се користат амортизери кои апсорбираат голем дел од енергијата од земјотресот.

Меншин: Ова е најнапредната форма на згради отпорни на земјотреси во Јапонија, а воедно и најскапата. Самата градежна конструкција е изолирана од земјата со слоеви од олово, челик и гума кои се движат независно од подлогата. Тоа значи дека самата зграда се движи многу малку – дури и при најтешки земјотреси.

Што друго прават Јапонците?


Во зависност од локацијата и намената на зградата, јапонските архитекти можат да избираат помеѓу многу други карактеристики на зградите отпорни на земјотреси, вклучително и употребата на челична рамка во јадрото на зградата наспроти армирано-бетонското јадро вообичаено во западните структури.

Исто така, пожелно е да се користат дијагонални амортизери, челични греди и столбови наместо бетонски столбови, како и мрежести конструкции кои помагаат во зајакнувањето на зградата.

Многу нови згради се поврзани и со систем за рано предупредување, кој ги предупредува жителите за претстојниот земјотрес. Лизгачките врати се сѐ почести за да се обезбедат повеќе начини за бегство, како и покриени светла за заштита на луѓето во случај светилките да експлодираат.

Другите земји кои се соочуваат со природни катастрофи можат да научат од Јапонија дека силната регулатива е од витално значење. Jасните закони за минималните стандарди за отпорност придонесуваат јапонските градежници да знаат што мора да направат. Во спротивно, ќе се соочат со високи казни.

Извор: 6yka.com
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот