X
 03.03.2023 Живот

Од утре леб и за 33 денари, пекарниците ќе почнат правна битка со Владата

Пекарската индустрија од утре ќе почне да испорачува бел и полубел леб од 33 денари, но ќе поведе и правна постапка за наплата на штетата што ја претрпува од владината одлука за замрзнувањето на цената на лебот.

Како што изјави денеска претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија, Горан Малишиќ, компаниите максимално ги почитувале мерките за поддршка, а Владата донела неуставна и незаконска одлука со која до 31 мај ќе им нанесе штета од над 4,5 милиони евра.

- Битката со Владата продолжува на правна основа. Одлуките што таа ги донесе на месечно ниво ни прават штета од над 1,5 милион евра. Поради наметнатите загуби, принудени сме да се приспособиме и да ги намалиме загубите со одредени видови леб, но и да намалиме од бројот на вработени. Во наредните три месеци ќе бараме начин да опстанеме, а од утре ќе почнеме да испорачуваме леб за да им излеземе во пресрет на граѓаните - потенцира Малишиќ.

Тој оцени дека Владата воопшто нема чувство за новонастанатата ситуација и не е свесна дека со ваквите популистички мерки уништува една од стратешките индустрии во земјата.

- Во интензивни консултации со правни експерти, домашни, но и однадвор, е утврдено дека владините одлуки се неуставни и незаконски или донесени без утврдено прекршување на пазарот по Законот за трговија. Спротивно на Одлуката, се потврдува, со записниците на инспекторатите, дека од 1 декември до крајот на февруари се почитуваат сите мерки и претходните одлуки што Владата ги донела. По оваа основа, пекарската индустрија здружено ќе почне правна постапка со цел наплата на штетата, односно на загубата што ѝ ја нанесе Владата на индустријата со одлуките. Штетата до 31 мај, до кога е навестено дека ќе трае одлуката за замрзнување на лебот, ќе изнесува над 4,5 милиони евра. Битката за заштита и опстанок на индустријата ќе продолжи на правна основа - истакна Малишиќ.

Извор: МИА
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот