X
 03.04.2024 Наша тема

Кога бев студент со Лазар Бараков: Книгите за мене беа она што се сега „ајфоните“ за младите, ликовите од нив стоеја пред мене и живеев со мислата да бидам актер

Факултетот, освен на глума, ме научи на ред, чистота на душата, војничка дисциплина... Сега кога си го враќам филмот назад во студентските денови, гледам дека сум бил хиперактивен во работата. Не сум мислел дали сум гладен, најаден. Ако ми бил денот исполнет, не сум чувствувал глад, сум бил сит, духовно смирен, расположен, се присетува Лазар Бараков на своите студентски години

Лазар Бараков е наш познат глумец, а прва асоцијација за него се македонските народни приказни. Сите го паметат по народните мудрости кажани во приказните заедно со Ѓорѓи и Шенка Колозови, Гоце Тодоровски, Ванчо Петрушевски, снимени во 80-тите години на минатиот век. Неговиот глумечки опус е богат со многубројни улоги во филмови, серии, народни приказни. Роден е на 24 мај 1954 година и годинава полни 70 години. Сѐ уште е активен и работи со елан и силен ентузијазам.



Завршил гимназија неполнолетен

Ни сподели дека основно училиште завршил каде што е роден, во селото Мокрино, во пазувите на планината Беласица, а гимназија завршил во Струмица.

- Уште од мал многу ги сакав книгите. Знаев да читам уште пред да тргнам на училиште. Во тие времиња за мене книгите беа таква радост, како во денешно време најскапите ајфони на денешните деца… Завршив гимназија неполнолетен, од прва положив приемен на глума на Белградска академија. Од финансиски причини и авантуристички дух, по три месеци ја напуштив Академијата и заминав на таканаречениот гнил Запад да бидам гастарбајтер, во првата најблиска дестинација Австрија. Првиот впечаток ми беше како да стапнав на друга планета - раскажува Лазар Бараков.



За одлуката што ќе студира по гимназијата, воопшто не размислувал, тоа што го сакал несвесно му било врежано од школска и претшколска возраст.

- Како селско дете, умеев сѐ да работам и не се плашев од каква било работа. Ние, селските деца, сме воспитани во спартански дух, при препрека во животот нема бегање. Нашата девиза е - што на ум, тоа на друм! Што беше пресудно да станам актер, не знам. Со таа мисла живеев. Дури и кога работев нешто друго, мислата ми клечеше таму во актерството бидејќи од секоја прочитана книга сите ликови стоеја пред мене, живееја во мене - споделува Лазар.



Строго и дисциплинирано - учење и вежби од утро до мрак

Бараков додава дека неговите студии се одвивале на различни места, во различни држави. По Белград студирал во Австрија, а по две години продолжил во Софија.

- Сиромашни, но авантуристички беа тие години. Сиромав, скромен живот водев тоа време со многу студентски другари од разни земји во Софија. Колегите-другари во студирањето ми беа од повеќе страни, од Етиопија, Судан, Авганистан, Виетнам, Перу... На Академијата бев на отсек глума, а другарите беа на кинорежија и театарска режија... Културни деца, ја пеевме Интернационалата - вели Бараков.



Учењето не било лесно, посочува дека Софиската академија била меѓу првите академии од светски ранг.

- Строго, дисциплинирано и со часови учење и вежби, од утро до мрак. На многу наврати се откажував, па пак се враќав. Некогаш бев многу фален од моите учители, но некогаш и куден... Па ќе фатев еден круг низ Европа како издувен вентил, па пак ќе се вратев… ми простуваа. На крајот од третата студентска година на Академијата во Софија веќе имав дипломска претстава на голема сцена, ама решив во четврта да се префрлам во Скопје и тука да имам дипломска претстава и добив кај проф. Љубиша Георгиевски, која беше изведена во Драмски театар - ни открива Бараков.



Со празни џебови, боси, но полни со идеали

Најважно му било да навлезе во суштината на тоа што сакал да го работи.

- Бев фокусиран со мислите од утро до мрак, и кога бев во Академијата и надвор од неа, 24- аса бев опседнат со глумата, па дури и сега, на овие години. Сепак, можам да кажам дека факултетот, освен на глума, ме научи на ред, чистота на душата, војничка дисциплина... Сега кога си го враќам филмот назад во студентските денови, гледам дека сум бил хиперактивен во работата. Не сум мислел дали сум гладен, најаден. Ако ми бил денот исполнет, не сум чувствувал глад, сум бил сит, духовно смирен, расположен... Не ме интересирало како сум облечен, каков потстанар ќе бидам. Такви времиња беа, гледав далекосежно во еден светол хоризонт. Смеа, радости, убавини... со празни џебови, боси, но полни со идеали. Сакав да научам, не се грижев дали ќе оставам печат со мојата глума, дали ќе бидат исполнети моите соништа. Често во сон сонував како летам сам и со авион. Факултетот е лек за простотијата, лек за депресијата. Тоа што ти го дал Господ, за да го покажеш, треба да се вложиш со сериозна работа, да се помачиш, оти како што е народски кажано: Без ука, нема наука - подвлекува глумецот Лазар Бараков.


Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема