X
 03.05.2020 Здравје

Чистиот воздух во Европа поради изолацијата доведува до 11.000 помалку смртни случаи

Подобрувањето на квалитетот на воздухот во текот на изминатиот месец поминат во изолација поради коронавирусот довело до 11.000 помалку смртни случаи предизвикани од загадување во Европа, открива нова студија.

Драстичните опаѓања во сообраќајот и индустриските емисии, исто така, резултираа со 1,3 милион помалку денови отсуство од работа, 6.000 помалку деца што развиваат астма, 1.900 избегнати посети на итната помош и 600 помалку предвремени породувања, според Центарот за истражување на енергијата и чистиот воздух.

Додека пандемијата и понатаму зема животи, авторите на извештајот велат дека одговорот на неа овозможил да видиме како е во поздрава и почиста околина, која е можна ако светот се оттргне од загадувачките индустрии засновани на фосилни горива.

Во споредба со истиот период лани, нивоата на азотен диоксид опаднале за 40 отсто, додека малите честички познати како ПМ 2,5

се намалени за 10 отсто, што значи дека луѓето што не се заразени со вирусот можат да дишат полесно. Овие две форми на загадување, кои ги ослабуваат срцето и респираторниот систем, заедно вообичаено се одговорни за околу 470.000 смртни случаи во Европа секоја година.

Проф. д-р Дивна Пенчиќ: Се наоѓаме на најпримитивното ниво на планирање на градот, воздухот од Водно не стигнува до Скопје


Новото истражување го оценува овој пад со користење статистички модели кои комбинираат податоци за квалитет на воздухот, временски услови, емисии, загадување и преваленца на болести.

Тие утврдиле дека највисокиот број избегнати смртни случаи поради загадување е во Германија (2.083), а потоа следуваат Велика Британија (1.752), Италија (1.490), Франција (1.230) и Шпанија (1.083). Според болести, речиси 40 отсто од намалувањето на бројот на смртни случаи се поврзани со срцева слабост, 17 отсто со заболувања на белите дробови, како што се бронхитис и емфизем, и 13 проценти со мозочни удари и рак. Другите се заразни болести и дијабетесот.

Вкупната пресметка на 11.000 избегнати смртни случаи е најверојатната процена од серија компјутерски анализи со резултати кои варираат од 20.000 до 7.000.

На светско ниво, бројот на избегнати смртни случаи предизвикани од загадување ќе биде многу повисок бидејќи оваа студија се фокусира само на еден континент и на еден месец и не се навраќа на почетокот на глобалната пандемија во Вухан пред шест месеци. Во двете најзагадени земји во светот - Кина и Индија - имаше најостар пад на загадувањето на воздухот.

Фото: Pixabay

Во студијата не се вклучени смртните случаи од самиот коронавирус. Научниците веруваат дека загадувањето го зголемува малигнитетот на болеста и некои студии сугерираат дека вирусот може да се прикачи на честички, но истражувачите што стојат зад последниот модел велат дека немаат доволно податоци за да го вклучат тоа во нивните модели.

Водечкиот автор на анализата, Лаури Миливитра, истакна дека намалувањето на загадувањето на воздухот го редуцирало притисокот врз здравствените служби во важно време и покажало колкава разлика може да направи подобрувањето на квалитетот на воздухот.

- Има многу глобални кризи со кои треба да се соочиме. Се надевам дека ова ќе ги натера луѓето да помислат: Што ако имавме ваков квалитет на воздухот не затоа што сите се принудени да седат дома, туку затоа што сме успеале да се префрлиме на чист транспорт и енергија? Мораме да се надеваме дека овој вирус ќе ни помогне да продолжиме со борбата против климатските промени и другите поголеми предизвици, наместо да нѐ врати назад - истакна тој.


Извор: Guardian
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје