X
 03.08.2022 Живот

Французин го заврши патот околу светот со четириметарска едрилица

Французинот Јан Квене зачекори на брегот на полуостровот Бретања на западот од Франција и со тоа го заврши тригодишното патување околу светот со едрилица „Балушон“, долга само четири метри, што тој сам ја изгради за 4.000 евра.

Бротчето со симболично име „Кутивче“, вчеравечер вплови во пристаништето „Треберден“ на северот на Бретања, во густа магла, приквечерината… Одговарајќи на прашање за неговата авантура во малото пловило кое човекот го чинело и 400 часа работа, а е без мотор, ни комуникација со копното, Французинот накусо рече оти го остварил својот сон.

-Долго сонував за ова, а сега го остварив мојот сон. Малку сум тажен поради крајот на патувањето по светот, но среќен сум што се враќам кај семејството - изјави тој.

Морнарот отплови пролетта 2019 година и мина преку Атлантикот, Тихиот Океан, кај Маркиските Острови, Тахити и Нова Каледонија… Требаше да застане и во Нов Зеланд и Австралија, но поради пандемијата ја смени патеката и се упати преку Индискиот Океан, кон францускиот остров Реунион, во близина на Мадагаскар, каде што пристигна по 77 дена пловење.

Залихите со храна, особено водата, беа голем предизвик на долгиот пат. Со секое заминување, кабината беше преполна со канистри, па Квене вели дека имал едвај доволно простор за да се исправи, ограничувајќи ја потрошувачката на вода на два литри дневно.

Последната станица е неговото „матично“ пристаниште „Сен Бреук“, каде што официјално в сабота претпладне завршува неговиот пат околу светот, на само неколку милји од „Треберден“.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот