X
 04.01.2024 Живот

Греење со дрва, да или не? (трет дел)

Некои специфичности и совети при греењето со дрва

За да има добро согорување на дрвото во печката, потребен е постојан довод на свеж воздух и непречен излез на димните гасови, односно да има провев кој се остварува низ ложиштето и оџакот. При недоволно присуство на свеж воздух се јавува неквалитетно согорување и тогаш се таложат саѓи и материја слична на катран. Притоа е можна појава на пламен во оџакот и опасност од пожар. За таа цел, потребно е чистење на оџакот, и тоа да се прави најмалку еднаш годишно.

Во однос на цените на горивата, дрвото има предност бидејќи цената на огревното дрво е стабилна. Кај другите горива, како што се природниот гас, нафтата и мазутот, цените се берзански и во некои периоди се многу високи. Истото важи и за цената на електричната енергија на отворен пазар. Покрај тоа, цената на огревното дрво во РМ е релативно ниска, па затоа најголем број граѓани го користат токму тоа гориво. Но на цената на огревното дрво треба да се додадат и трошоците за транспорт, сечење и цепење на соодветни (помали) парчиња.
Околу 10% од шумите во РМ се во приватна сопственост и тоа е причина голем дел од сопствениците на шуми да користат огревно дрво.

Во споредба со другите начини на греење, при користењето на дрвото за огрев има и дополнителни работи, а тоа се: секојдневно носење дрва до печката, ставање внатре во ложиштето, потпалување секое утро, неможноста за прецизна регулација на собната температура, чистење пепел и др.

Печките на дрва произведени пред 20 и повеќе години се со неефикасно согорување и треба итно да се заменат. Ова особено се однесува за своерачно (нестручно) направените печки и т.н. ќумбиња. Денес на пазарот има печки со многу поголема ефикасност во споредба со старите.

Некои корисници во домовите имаат вградено отворен камин поради специфичниот амбиент што го посакуваат. Отворениот камин е најнеефикасниот начин за да го загреете домот со огревно дрво и плус се врши големо загадување на воздухот. Затоа, препорачувам каминот да не се користи како основен начин за греење на домот, туку да се користи само во исклучителни случаи, на пример, на празници и сл.

Некои локални самоуправи даваат субвенции за населението за купување огревно дрво. Оваа практика треба да престане, а субвенциите за греење да се пренасочат во еколошки одржливи решенија.

Користењето дрвени пелети не е опфатено во овој напис. Тоа е подобро решение отколку класичното греење со дрва во форма на цепеници, но е многу помалку применувано од граѓаните најмногу поради повисоката цена.

Бидејќи при согорување на дрвото се постигнува температура од 700 до 1000 °C (кај дабот и буката околу 1000 °C), штета е дрвото да се користи за греење на простории каде што се бара температура од само 20 °C. Топлинската енергија од околу 1000 °C може да се користи за производство на електрична енергија во термоцентрали. Но уште подобро, дрвото може да се користи во постројка со комбинирано производство на топлина и електрична енергија (те-то). Овие постројки може да бидат со различен капацитет, на пример, за некоја јавна установа (50 до 100 кW) и за топлификација на некоја поголема населба (неколку МW). Притоа може да се користи и отпадно дрво, но проблем е собирањето и транспортот на дрвото до постројките. Во Стратегијата за енергетика на РМ е предвидено изградба на те-то од 15 МW на биомаса (дрво) до 2040 година. Според мое лично мислење, може да се изградат уште неколку, но со помал капацитет.

Дрвата со подебело стебло нормално е првин да се обработат и користат во градежништво, столарија (врати и прозорци), мебел и др. Неупотребливите остатоци и отпадоци во вид на ситни парчиња (во форма на чипс) треба да се употребат за согорување во те-то постројки и за индустриски намени. На таков начин може да се употребат и отпадоците што се создаваат при сечење на дрвата во шумите, а тоа се сите големи и мали гранки.

Во РМ дрвото е обновлив извор на енергија со исклучок во годините кога има чести и огромни шумски пожари. Тоа значи дека може да се користи дрвото за огрев, но не на начин како што тоа се прави денес. Факт е дека во РМ огревното дрво ќе се користи и понатаму на традиционален начин, но тогаш е пожелно дрвото да биде соодветно исушено и печките да бидат со голема енергетска ефикасност.

На крај да одговорам на прашањето од насловот „Греење со дрва, да или не?“ Одговорот е: да и не.

- Не во градовите бидејќи условите се такви што се создава загадување на воздухот.
- Да ако со употребата на огревното дрво не се загадува воздухот (на пример, во рурални средини), а притоа се користи соодветно исушено дрво и квалитетни печки со голема енергетска ефикасност.
- Дрвените пелети се подобро решение во споредба со традиционалното огревно дрво во вид на цепеници.
- Но најцелисходно е дрвото да се употребува во те-то постројки (за комбинирано производство на топлина и електрична енергија).
- Се разбира дека ова важи само ако во земјата има одржливо управување со шумите.


Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет - Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот