X
 04.04.2023 Наша тема

Средните школи во Македонија во 4 графикони - Од 2010 година бројот на средношколци се намалил за околу 25.000, а бројот на наставници за 41

Бројот на средношколци во Македонија на почетокот од учебната 2010/2011 година бил за 24.928 поголем од оној на почетокот на оваа учебна година. Имено, ако во 2010/2011 во клупите на 111 средни училишта седеле 94.155 ученици, на почетокот на годинава во 129 средни школи седнале 69.227 ученици.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека и покрај падот на бројот на средношколци во редовните средни училишта, бројот на паралелките главно оди нагоре, а бројот на наставниците сега е речиси ист како и кога имало околу 25.000 повеќе средношколци. Исто така, намалувањето на бројот на средношколци во земјава не го спречило отворањето на нови училишта.

Но, да почнеме со ред.

Доволен е само еден поглед на графиконот на кој е прикажано движењето на бројот на средношколци од 2010/2011 година за да се види дека не одиме во добра насока. Од учебната 2010/2011 до 2017/2018 има нагло опаѓање на бројот на средношколци во редовните средни, па за само 7 години од 94.155 бројот на средношколци паѓа на 71.458. Тоа е намалување од 22.697 ученици. Од 2018/2019 до годинава бројот на средношколци благо варира меѓу 69 и 71 илјада. Во секој случај, на почетокот на оваа учебна година бројот на средношколци во Македонија е најнизок во последните 13 учебни години.

Извор за податоци: ДЗС

Спротивно на падот на бројот на ученици, бројот на средни школи оди во нагорна линија. Од 111 на почетокот на 2010/2011 стигнува до 117 на почетокот на 2015/2016, а веќе следната учебна година расте на дури 132. Оттогаш бројот варира и повремено се намалува или зголемува за едно или две училишта, а годинава изнесува 129. Тоа се 18 училишта повеќе од 2010/2011 година.

Извор за податоци: ДЗС

Следствено на растот на бројот на училиштата, расте и бројот на паралелки, па од 3.433, колку што имало на почетокот на 2010/2011 година, по варијации од +/- неколку десетици паралелки, во 2016/2017 достигнува еден врв од 3.533 паралелки. Истата година бројот на средношколци изнесува 76.394, што е за речиси 17.800 помалку од 2010/2011 година. Веќе следната година бројот на паралелки паѓа за 51, но од 2018/2019 до 2020/2021 повторно се зголемува и се достигнува најголемиот број на паралелки од 2010 година - вкупно 3.544. Таа учебна година во земјава се регистрирани 71.811 средношколци. Следната година има слаб пад на бројот, за оваа учебна година да ја започнеме со 3.530 паралелки, што е за 97 повеќе од 2010/2011.

Извор за податоци: ДЗС

Бројот на наставници во редовните средни училишта во последниве 13 учебни години варира така што, по некоја случајност, како да се враќа на точката од која што тргнува. Така, на почетокот на учебната 2010/2011 година, кога сме имале 94.155 ученици во редовните средни училишта, бројот на наставници бил 7.088, а годинава, кога имаме околу 25.000 средношколци помалку, часовите ги држат 7.047 наставници, односно 41 наставник помалку.

Врвот во бројот на наставници е достигнат во учебната 2018/2019 година, кога се регистрирани 7.479 наставници вработени во редовните средни училишта. Таа година имаме 71.650 средношколци.

Оттогаш се забележува нагло опаѓање на бројот на наставници во редовните средни училишта, за да стигнеме до сегашните 7.047.

Извор за податоци: ДЗС
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема