X
 04.05.2024 Наука

Ако лошо спиеме, може да се чувствуваме постари отколку што навистина сме

Недостигот на сон може да предизвика да се чувствувате неколку години постари отколку што навистина сте. Колку стар се чувствува некој е поврзано со различни физички и ментални здравствени состојби, особено депресијата.

- Годините се повеќе од само перцепција. Знаеме дека оние што се чувствуваат помлади од нивната реална возраст, живеат поздраво и подолго. Спиењето директно влијае врз тоа колку се чувствуваме млади или стари - тврди Леони Балтер од Институтот „Каролинска“ во Шведска.

Доволното спиење прави да се чувствуваме пет години помлади


Поради важноста на спиењето за нашето ментално и физичко здравје, Балтер и Џон Акселсон, исто така од Институтот „Каролинска“, решиле да истражат дали спиењето влијае врз нашата субјективна возраст. Тие вклучиле 429 луѓе на возраст меѓу 18 и 70 години во студијата за да истражат колку стари се чувствувале и колку спиеле во последните 30 дена. Откриле дека недоволното спиење е поврзано со тоа што учесниците се чувствуваат постари отколку што навистина се, при што секој ден со лош сон додава во просек по 0,23 години на нивната субјективна возраст. Спротивно на тоа, оние што пријавиле дека спијат доволно во текот на 30 дена имале субјективна возраст која во просек била за 5,81 години помалку од нивната вистинска возраст.

Интересни резултати од експериментот за спиење

Во вториот дел од студијата тимот регрутирал уште 186 луѓе. Во текот на две недели од овие учесници било побарано да се стремат кон 9 часа сон во текот на две последователни ноќи, снимени преку дневници за спиење и уреди за следење на спиењето. Потоа им било кажано да го ограничат спиењето на само четири часа, за две последователни ноќи.

По овој период на ограничување на спиењето, тие пријавиле дека се чувствуваат во просек 4,44 години постари отколку што биле, додека по 9 часа сон се чувствувале 0,24 години помлади. Во споредба со оние што се чувствувале најмалку уморни, оние што биле најизморени, изјавиле дека се чувствувале околу 10 години постари.

- Резултатите од истражувањето покажуваат дека спиењето е клучен показател за тоа колку стари би можеле да се чувствуваат некои луѓе, што е поврзано со нашето здравје. Ако го заштитите вашиот сон, можете да се чувствувате помлади - заклучил истражувачот Балтер.

Извор: mirovina.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука