X
 05.03.2021 Живот

Кога ќе можеме повторно да патуваме како порано?

На глобално ниво бројот на новозаразени лица со коронавирусот се намалува, по достигнувањето рекордни нивоа во јануари годинава. Во тек е вакцинирањето во многу земји низ светот, но кога станува збор за патувањето, веројатно ќе почекаме пред да може да се опуштиме.

Експертите за патување се оптимисти дека наскоро ќе почне враќањето во нормала низ светот, но сè ќе зависи од индивидуалната локација и дестинацијата, како и од ширењето на коронавирусот и неговите соеви. Генералниот совет е да се остане дома и во следниот период.

Брис Конвеј, експерт за патување, за Си-ен-ен изјавил дека во зависност од земјата, се нудат опции за патување за оние што сакаат, но тој не очекува авионскиот сообраќај да се врати во нормала до 2022 година.

Алексис Барнеков, основач на апликацијата за резервирање летови „Четфлајтс“, открива дека се нудат летови за многу дестинации и од страна на многу авионски агенции, но ризикот од нивно откажување или одложување е поголем. Секако, правилата за влез во земјата се разликуваат од држава до држава, па патниците треба да ги проверат правилата пред да направат резервација и повторно пред да патуваат.


Фото: Pixabay

Експертите сметаат дека патувањето на далечни дестинации ќе биде побезбедно и поизводливо кон крајот на годината. Кога станува збор за кратките летови, Крис Гоутер од Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај смета дека владите ќе бидат под поголем притисок да ги укинат мерките како карантин за туристи од соседните земји отколку за жители на далечни земји. Во Европската Унија би можеле да се отворат границите доколку бројот на новозаразени лица се намали со доаѓањето на летото.

Гоутер е оптимист дека во земјите низ светот жителите ќе може полесно да патуваат во своите држави како што се намалуваат мерките за ограничено движење. Ова веќе се забележува во земји како Кина, Индија и Русија, вели тој. Во меѓувреме стана популарно патувањето со автомобил, а „Ер-би-ен-би“ забележува зголемена побарувачка за резервации на индивидуални домови кои се нудат од проверени компании.


Фото: Pixabay

Конвеј додава за Си-ен-ен дека во моментов не е важно дали сте вакцинирани кога правите резервација, но тоа веројатно ќе се промени во следните 12-24 месеци, а тоа ќе биде предизвик за индустријата. Некои дестинации веќе ги ослободуваат туристите од задолжителните карантини доколку се вакцинирани.

Дали патувањето некогаш ќе се врати во нормала?

Конвеј одговара позитивно. Според него, луѓето многу ќе патуваат на крајот од годината кога вакцините ќе бидат подостапни. Тој очекува индустријата да се врати на ниво пред пандемијата до средината на 2022 година.

Бернеков смета дека ќе се намалат службените патувања, иако не многу. Кога станува збор за туристичкото патување, тој очекува краткотраен скок во побарувачката пред индустријата да се врати на исто ниво како порано.

Автор: Морин Охер
Извор: cnn.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот