X
 05.05.2023 Наука

Најдени се бактерии отпорни на антибиотици дури во облаците

Француско-канадско истражување открило бактерии отпорни на антибиотици во облаците, кои таму биле однесени преку ветерот.

- Овие бактерии обично живеат на лисјата или во почвата. Откривме дека ветрот ги носи во атмосферата и дека можат да патуваат долги растојанија, па дури и да ја обиколуваат земјината топка на големи височини благодарение на облаците - изјавил водечкиот автор на истражувањето, Флорент Роси.

За да дојдат до овие заклучоци, истражувачите од универзитетот „Лавал“ во Квебек и универзитетот „Клермон Оверњ“ земале примероци од облаците што се формирале над неактивен вулкан во централна Франција во период од септември 2019 до октомври 2021 година.

Облаците содржеле најмалку 330, а повеќе од 30.000 бактерии на милилитар вода, или во просек околу 8.000 бактерии на милилитар. Во бактериите биле идентификувани 29 подтипови на гени отпорни на антибиотици.

Светските здравствени власти постојано ги истакнуваат ризиците поврзани со овие бактерии, кои го прават третманот на одредени инфекции сè покомплексен.

Научниците не понудиле заклучоци за можните здравствени последици од ширењето на овие бактерии, но претпоставуваат дека е малку веројатно дека тие ќе бидат штетни за луѓето. Сепак, деталното следење на атмосферата би можело да овозможи лоцирање на потеклото на овие бактерии и со тоа да се ограничи нивното ширење, сугерира Роси.

Извор: Kreni zdravo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука