X
 05.07.2018 Наука

Стапката на заболени од рак кај древните Египќани била 50 пати пониска

И покрај тоа што древните Египќани во просек живееле пократко поради многубројните болести, стапката на заболени од рак била и до 50 пати помала до денешната.

Шест костури од древни Египќани, кои содржат знаци на рак, откриваат дека зачестеноста на таа болест била значително помала пред 3.000 години.

Остатоците се пронајдени во гробница во централен Египет, а вклучуваат мажи во педесеттите години со ректален рак и дете на возраст од една година, кое умрело од леукемија.

Костурите покажуваат дека зачестеноста на ракот во тоа време била пет заболени на илјада луѓе, што е многу пониско отколку во модерното западно општество.

Научниците проучиле 1.087 костури кои биле закопани во гробницата во оазата Даклех пред 1500 до 3000 години. Потоа биле анализирани остатоците од повредите кои некои видови рак ги оставаат на коските и тие траги биле искористени за грубо дијагностицирање на секој случај, како и за одредување на возраста и полот на починатиот.

Од шест костури кај кои се пронајдени траги од рак, две помлади жени со рак на грлото на матката и еден маж со рак на тестисите биле поврзани со ХПВ. Тие тројца починале во 20-тите или 30-тите, години во кои луѓето ретко добиваат рак. Сепак, мажот на возраст од 25 до 30 години боледувал од рак на тестисите, што го става во групата со најголем ризик за таа болест.

Исто така, ракот на грлото на матката, од кој боледувале двете млади жени, почесто се појавува кај жените во 20-тите отколку другите облици на овие болести. Ширењето на овој вид рак се поврзува со ХПВ, кој се пренесува преку кожата, поради што научниците заклучиле дека токму тој би можел да биде причината.

Откриено е дека сите видови на овој вирус еволуирале во Африка.

Научниците успеале да дијагностицираат рак на ректумот кај постар човек и агресивно метастазичен облик на болеста кај постара жена. Од постариот мумифициран маж биле останати некои ткива и тоа им помогнало на научниците во спроведувањето попрецизна анализа која ја потврдила првобитната дијагноза.

Постарата жена најверојатно имала рак на јајчниците, дојката или колоректален рак. Кај детето на возраст меѓу три и пет години била дијагностицирана леукемија. Коските биле преполни со дупки предизвикани од болеста на коскената срж.

Во модерното западно општество зачестеноста на ракот е 500 на 1.000 лица, што е 100 пати повисока бројка отколку кај костурите пронајдени во Дакла. Научниците велат дека тоа е така затоа што луѓето денес живеат подолго, а процените покажуваат дека секој 20-ти човек од Дакла живеел повеќе од 60 години.

Втора причина би можел да биде недостигот од меко ткиво кај испитаните костури, во кое знаците на рак би биле поочигледни, па поради тоа научниците можеби не ги виделе. Сепак, земајќи ги дури и тие факти предвид, експертите проценуваат дека стапката на рак би била најмалку 50 пати пониска во древен Египет.

Според нив, тешко дека древните дакланци би имале висока стапка на рак, дури и кога би живееле долго колку и модерниот човек. Количината на канцерогени материи во нивната околина била значително помала отколку во модерните западни цивилизации.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука