X
 05.07.2019 Наука

Милијардерите сериозно размислуваат да ги преместат фабриките во вселената

Звучи како научна фантастика, но идејата за селење на тешката индустрија надвор од Земјата изгледа многу помалку неверојатна од порано. Собирањето ресурси од други планети или астероиди наместо користење на оние малку што ни останаа на Земјата би било клучот за осигурување дека човештвото ќе опстане.

- Сончевиот Систем може да поддржи милијарда пати поголема индустрија отколку што имаме на Земјата - вели Гил Мецгер, планетарен научник.

Ресурсите на Земјата се намалуваат, населението се зголемува и нешто мора да се промени. Тоа е аргументот на група компании што се појавија во текот на изминатата деценија, обидувајќи се да станат пионери во користењето на вселенските ресурси.

На пример, компанијата „Планетари рисорсес“ собра десетици милиони за развивање технологија за рударење на астероиди. Но, финансиските проблеми ја натераа компанијата да ја одложи првата мисија за копање на астероид на неодредено време.

Милијардерот и извршен директор на „Амазон“ и „Блу Ориџин“, Џеф Безос, исто така е за.

- Причината зошто мораме да одиме во вселената, според мене, е за да ја спасиме Земјата. Фундаментален долготраен проблем е што на Земјата ќе останеме без енергија. Тоа е аритметичко. Ќе се случи - истакна Безос.

Дури и НАСА неодамна реши да инвестира милиони долари во технолошки концепти што би можеле да ни помогнат да го истражиме рударењето на астероиди.

Само физичките ресурси не може да бидат решение за нашата преоптоварена планета. Соларните станици во вселената би можеле да емитуваат речиси неограничена енергија назад на Земјата - план на кој Кина веќе работи.

Но, не сите се со исто мислење. Група научници се сплотија за да потпишат предлог со кој се повикува повеќе од 85 отсто од Сончевиот Систем да биде заштитен од човечки развој.

- Ако сега не мислиме за ова, ќе продолжиме како и секогаш и за неколку стотици години ќе се соочиме со екстремна криза, многу поголема од сегашната. Штом еднаш сте го искористиле Сончевиот Систем, нема веќе каде да одите - вели Мартин Елвис, астрофизичар и главен автор на предлогот.

Пред производството во вселената и рударењето да станат реалност, нè чека уште многу работа бидејќи научниците имаат направено мали чекори кон таа иднина. Можеби во иднина рударењето на астероиди ќе биде потпора за човечката цивилизација во длабоката вселена. Времето истекува. Климатските промени и ресурсите што брзо се трошат нè принудуваат да гледаме подалеку од нашата планета. Се надеваме дека ќе можеме да ја извршиме транзицијата пред да биде предоцна.

Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука