X
 29.03.2021 Наука

Астероидот „Апофис“ нема да удри во Земјата во следните 100 години, вели НАСА

Американската вселенска агенција НАСА потврди дека астероид за кој се сметало дека е потенцијално опасен нема да удри во Земјата во следните 100 години.

Станува збор за астероидот „Апофис“, кој се смета за еден од најопасните за Земјата од неговото откривање во 2004 г. Претходно се сметало дека астероидот ќе ѝ се приближи на Земјата во 2029 и 2036 г., но овие можности сега се исклучени. НАСА сега ја исклучила и малата можност за удар во 2068 г. по направена анализа на астероидот.

- Веќе не постои можност од удар во 2068 г. и нашите пресметки не покажуваат ризик од удар барем во следните 100 години - изјавил Давиде Фарнокија, научник кој ги проучува вселенските тела во близина на Земјата за НАСА.

Се проценува дека „Апофис“ е широк околу 340 метри. Тој на 5 март поминал покрај Земјата на оддалеченост од 17 милиони километри, а астрономите го искористиле поминувањето за да направат подобри пресметки на неговата орбита околу Сонцето.


На 13 април 2029 година астероидот ќе помине на оддалеченост од 32.000 километри од нас. Ова е околу една десеттина од растојанието помеѓу Земјата и Месечината. Тогаш „Апофис“ ќе биде видлив со голо око за жителите на источниот дел од Земјата, односно Азија, Африка и делови од Европа.

На листата со потенцијално опасни астероиди на НАСА се наоѓа и 1950 ДА, кој можеби ќе помине блиску до Земјата во 2880 година, иако шансите за удар се мали, како и 2010 РФ12, астероид со дијаметар од 7 метри, за кој има 4,7% шанси да удри во Земјата. Ударот на 2010 РФ12 би можел да се случи на 5 септември 2095, но НАСА убедува дека тој не претставува закана за планетата бидејќи е мал.

НАСА предвидува и дека астероидот 2012 ХГ2 би можел да удри во Земјата на 12 февруари 2052. Астероидот е со дијаметар од 14 метри, но бидејќи е мал, веројатно ќе изгори во атмосферата.

Извор: bbc.com
Фото: Принтскрин/Youtube
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука