X
 05.08.2019 Живот

40 милиони луѓе присилно ги изработуваат нештата кои ги купуваме

Во текот на минатата година 40,3 милиони луѓе, од кои најмногу жени, живееле во услови на модерно ропство, стои во извештајот на организацијата „Вок Фри Инишитив“. Истражувачите од оваа организација тврдат дека ропството не е укинато во 19 век, туку дека само го променило обликот.

Со оглед на тоа дека не постои официјална законска дефиниција на модерното ропство, од ОН го опишуваат како работни услови во кои луѓето работат недоброволно и под закана од некоја казна. Од „Вок Фри Инишитив“ сметаат дека модерното ропство е во подем и тоа особено во ланците за производство на разни добра.

Истражувачката Кетрин Брајант тврди дека 16 милиони луѓе, кои се наоѓаат во модерно ропство, работат во индустрии кои не подлежат на никаков надзор.

Помалку од 40 земји, од вкупно 183 кои биле вклучени во истражувањето на организацијата, имаат закони и разработени системи со кои се настојува да се спречи ваквиот облик на работа. Но, дури и таму каде што постојат, тие закони не се спроведуваат сосема ефикасно. Многу е тешко да се открие модерното ропство.

Многу земји кои извезуваат разни добра имаат висок процент на луѓе кои работат во услови на ропство, односно со долги смени и исцрпувачки услови, без можности да го напуштат работното место. Модната и технолошката индустрија се две гранки во кои има висок процент на „модерни робови“.

Брајант вели дека има сѐ повеќе случаи на модерно ропство што е тешко да се дефинираат и контролираат. Голем проблем е и недостатокот од образование кај експлоатираните работници.

-Сме имале случаи каде луѓето биле експлоатирани и воопшто не сфаќале дека се наоѓаат во ропски услови - вели таа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот