X
 05.10.2018 Живот

Весна Ивановска-Илиевска, новинарка на Факултети.мк, доби пофалница за приказната за наставникот од Свети Николе и неговиот ученик со аутизам

„Наставникот од Свети Николе и неговиот ученик со аутизам: Би лажел ако речам дека е лесно, но е голема привилегија - јас учам од него“ објавена на 2 мај годинава доби пофалница од Советот на етика на Македонија


Весна Ивановска-Илиевска, новинарка на Факултети.мк, доби пофалница од Советот на етика за приказната „Наставникот од Свети Николе и неговиот ученик со аутизам: Би лажел ако речам дека е лесно, но е голема привилегија - јас учам од него“, објавена на 2 мај годинава. Претседателката на жирито, новинарката Санта Аргирова, истакна дека во текстот е прикажана реална слика и автентично е доловена инклузивната настава преку примерот на посветениот наставник Иле Михајловски. На оваа приказна се надоврзаа и продолженија на оваа проблематика, како што се недостигот на учебници и помагала за децата со аутизам.


Првата награда ја доби авторот Хекуран Аќифи за прилогот „Во пресрет на денот на белиот стап - дали сме хумано општество само на хартија“ објавен во „360 степени“. Второнаградени се новинарите од МИА, Ана Цветковска-Торомановска и Борис Куноски за серијалот текстови што се однесуваат на условите во затворите и притворското одделение во Шутка, корупцијата во затворите и прашањето околу ресоцијализацијата на затворениците.

Третата награда им беше доделена на две приказни. Наградени се новинарите Александар Манасиев и Мирко Трајановски за краткиот документарен филм со наслов „Собирачи“, објавен на дигиталниот медиум „Види вака“. Новинарките Емилија Петреска и Стефанија Тенекеџиева од Радио МОФ добија награда за серијата приказни на тема бегалци.


Беа доделени и три пофалници за: Никола Здравковиќ од емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат М за прилогот „Кој и како ја донесе моќната 'Економија' до питачки стап? Има ли надеж да се врати на стариот пат“. Анета Ристевска, Маја Раванска и Јане Стефанов добија пофалници за сториите објавени во списанието „Лице в лице“. Се работи за новинарските приказни „Бегалци во сопствената земја“ на Ристеска, „Списание по списание куќа“ на Раванска и „Падобранци со посебни предизвици“ на Стефанов.

62 приказни на 35 автори од различни новинарски форми и жанрови биле пријавени на повикот за стории од сферата на општеството, социјалниот живот, со фокус на унапредување на човековите права и промовирање на правата на социјално ранливите и маргинализираните групи граѓани, кои традиционално ги доделува Советот за етика на медиуми во Македонија.

Од пријавените новинарски стории 28 биле објавени на интернет-портали, 10 во печатени медиуми, 13 на телевизија, осум на радио и три на други медиумски платформи.

Јавниот повик беше отворен за сите професионални новинари и редакции, посочи на денешната прес-конференција извршната директорка на СЕЕМ, Марина Тунева, што објавиле свои стории во медиумите во Македонија во периодот од 1 јуни 2017 до 1 јуни 2018.
- И овој пат бевме пријатно изненадени од одѕивот на повикот за пријавување новинарски приказни - рече Тунева.


Евроамбасадорот Самуел Жбогар истакна дека активистите за човекови права и новинарите повеќе од кога било порано имаат алатки за обезбедување информации со цел да го информираат светот за сите проблеми со кои се соочува општеството.
- Тоа значи дека тие може да ги направат видливи сите прекршувања на човековите права и така да ја зголемат јавната свест и да предизвикаат социјални дејствија и акција, а со нивната работа можат да укажат не само на проблемите и прекршувањата на човековите права, туку исто така може да укажат на антиподот на овие проблеми. Овој антипод се добрите луѓе кои несебично работат спроти предизвиците и се обидуваат овој свет да го направат подобро место за живеење. Имам привилегија што сум меѓу благородни луѓе, бранители на слободата на изразувањето = порача Жбогар.

Пријавените стории ги оценуваше тричлено жири составено од истакнати професионалци со долгогодишно работно искуство во областа на медиумите и новинарството, Санта Аргирова, Весна Никодиновска и Селјадин Џезаири.
Фондот за наградите изнесува 1.800 евра за сите наградени стории. Наградите и годинава се доделуваат со финансиска поддршка од УНЕСКО и ЕУ во рамките на проектот „Градење доверба во медиумите во ЈИЕ и Турција“.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот