X
 05.12.2017 Наука

Дали имате способност да препознаете манипулатори?

Манипулацијата е постапка или вештина што ја користиме за да можеме друга личност, семеен или општествен колектив да го потчиниме на нашите интереси. Во однос на зрелата љубов која ги претпоставува личностите како меѓусебно еднакви, во очите на манипулаторот другата личност мора да стане објект што ќе биде експлоатиран и кој ќе служи за лекување на сопствените стравови, празнини, нарцистички повреди, фрустрации и незадоволства.

За што служат манипулациите?

Една од причините за манипулативни стремежи кај човекот егзистенцијалистите ја лоцираат во неподготвеноста за прифаќање ризици и неизвесноста што ја носи животот. Се чувствуваме беспомошни пред силите на природата и многубројните работи што можат да ни се случат, а се надвор од наша контрола. Еден од начините да се залажуваме себеси за да побегнеме од чувството на беспомошност е да користиме разни облици на активна и пасивна манипулација за да создадеме илузија на самоконтрола над тие чувства.

Втората причина за манипулативни тенденции е избегнување на интимноста. Стравот од длабоко поврзување е еден од базичните човечки стравови. Во нашите односи внесуваме ритуализам и борба за моќ, создаваме вештачка поврзаност со луѓе поради сопствените потреби или недоволно силни убедувања. Тоа го правиме за да избегнеме длабоко поврзување и поради несигурноста што ја носи истото – напуштање, оставање и повредување, чувство на безвредност, некомпетентност и соочување со себе.

Како функционира манипулаторот?

Манипулаторот функционира така што своите внатрешни спротивности, делови од себе што не ги сака – ги негира, потиснува или ги проектира врз други луѓе. Тоа значи дека во другите го гледа она што не го гледа кај себе и не може да го прифати како своја карактеристика. Наместо да го интегрира таквиот непосакуван дел од себе, манипулаторот прво психички го одвојува од сопствената, за потоа да го исфрли надвор во друга личност, за да може потоа да го контролира тој непосакуван дел од себе.

Манипулативни улоги:


1а) Директор (варијации: „Супериорен татко“, „Големата мајка“, „Малиот Бог“ и „Цврста рака“) – спаѓа во активни манипулатори. Тој ги пренагласува својата сила и доминација и ја заменува љубовта за моќ. Управува, наредува, ги поставува „работите на свое место“. Неговата оправдана рационализација би гласела: „Мора да се знае кој е газда во куќата, инаку сè ќе се растури“. Најчесто избира (или создава) слаби партнери, деца, пријатели или вработени. Обично се опкружува со „вовлекувачи“ кои ја поттикнуваат неговата суета со изјави од типот: „Боже, колку си голем, одважен, храбар, единствен...“ Тој ја пренагласува својата сила или доминација, потиснувајќи ги своите слабости. Затоа има потреба од слаби личности околу себе за да му одржуваат баланс, односно да го хранат неговото себедоживување како силен и моќен. Наместо љубов, може да добие само покорување или бунт.

1б) Мекуш (варијации: „Постојано загрижен“, „Глупав како лисица“, „Заборавен“) – спаѓа во пасивни манипулатори, дијаметрален опозит на Директорот. И додека активниот манипулатор добива со победување, пасивниот добива со губење. При манипулацијата најчесто се користи со беспомошноста: „Јас не умеам, не можам, не знам“ и со предизвикување чувство на вина: „Како можеш да не ме заштитуваш или да ме оставиш кога сум толку беден и беспомошен“. Мекушот добива можност да не презема ризици и да не носи одлуки така што му дозволува на активниот манипулатор да мисли и да работи за него, но и го победува со својата мрзоволност.

Она што го прави мекушот е тоа што ја негира и ја потиснува својата сила, ја проектира врз други и преку пасивни форми на манипулација ги контролира оние што имаат сила. Тоа не го води кон интимност, туку кон зависност. На неговиот капацитет за љубов и за работа му недостигаат сила и способност за одговорност и самостојност.

2а) Калкулант
(варијации: „Фолирант“, „Уценувач“, „Контрол фрик“)  ја пренагласува својата контрола. Спаѓа во компетитивните манипулатори кои на животот гледаат како на константна игра на губење и добивање во која сите се ривали, реални или потенцијални. Некогаш користи и методи на „индиферентен манипулатор“: „Не ми е гајле“ и „Не ме засега“. Затоа неговите техники на манипулација се малку посложени – тие се мешавина од активна и пасивна манипулација. Во партнерските односи тоа често се манифестира како незаинтересираност или закана со развод или раскинување, при што Калкулантот потајно се надева дека ќе биде по негово, иако неговите намери никогаш не се да го прекине односот.

2б) Залепувач (варијации: „Паразит“, „Плачливец“, „Доживотно дете“) е поларен опозит на Калкулантот. Тоа е личност која е несериозна и сака да биде водена. Дозволува Калкулантот да ја заведе, затоа што тој дејствува како самостојна личност која може да се бори. Залепувачот не верува во самостојност која се постигнува со компетенција или вредна работа. Тоа е личност која се задоволува со трошки од трпезата, така што ги негира, потиснува или ја проектира врз друг сопствената самостојност, потреба за развој и индивидуализам.

3а) Насилник (варијации: „Грубијан“, „Понижувач“, „Кучка“) ги пренагласува агресијата и суровоста. Наместо љубовта што сака да ја добие, тој(таа) добива покорност. Добива чувство на моќ, хранејќи се со стравот на другите. Слично на Калкулантот, Насилникот на несвесно ниво ја негира и не верува во сопствената вредност, посредно и во вредноста на другите, така што кон нив се однесува исто како и кон себе. Затоа длабоко во себе Насилникот не се смета вреден за љубов, па затоа ја користи агресијата за да добие чувство на надмоќ како замена.

3б) Добродушен
(варијации: „Секогаш љубезен“, „Великомаченик“, „Оној што не се меша“) спаѓа во активните манипулатори, поларни опозити на Насилниците. Ја пренагласува грижливоста, „убива“ со својата љубезност. Во извесна смисла со нив многу потешко се излегува на крај отколку со Насилниците. Тие манипулираат со чувството на вина и создавање долг („Гледај што правам за тебе, а ти така ми враќаш...“). Тие го зборуваат она што сакаме да го чуеме, секогаш се љубезни и насмеани, избегнуваат каква било критика. Добродушниот ја негира или ја потиснува својата агресија, за потоа да ја проектира врз други. Меѓутоа, со тоа ја губи и здравата агресивност. Љубовта и работата бараат и доза на здрава агресија, да се донесе одлука, да се пресече, да се спротивстави на нешто или на некого кога е потребно.

4а) Судија
(варијации: „Обвинител“, „Оној што попува“, „Оној што ве засрамува“) спаѓа во активните манипулатори. Тој ја менува љубовта за чувство на праведност и исправност на сопствената величина. Судијата во својата безгрешна исправност ја гледа својата големина. Тој е голем застапник за правда и вистина, со мисија да им суди на грешните. Судијата е задолжен да критикува, да изразува незадоволство, да наоѓа проблеми... Судијата ги негира, потиснува или ги проектира во другите сопствените слабости, недостатоци или пороци. Целта на судијата е кај другите да предизвика чувство на срам или непријатност.

4б) Заштитник
(варијации: „Уплашен наместо другите“, „Мама квачка“, „Дрвен адвокат“) е поларен опозит на Судијата, кој ја пренагласува својата поддршка за другите, не осудувајќи до степен на непримерност. Тој ги разгалува другите, претерано сочувствува, не им дозволува на другите да застанат на сопствени нозе и да научат сами да се штитат и бранат. Во семејното или работното опкружување ја презема одговорноста и „дамките“ на другите така што не им дозволува на другите да учат од своите грешки. Заштитникот ги негира, потиснува или проектира своите несвесни потреби за зависност и грижа. Љубовта и исполнетоста со работа и соработка во која другите се доживуваат како зрели, рамноправни и одговорни личности, ги заменува со чувството на самозадоволство од фактот дека им е потребен на другите.

Сите ние, во помала или во поголема мера, поседуваме некои од овие манипулативни вештини, можеби наследени од раните детски години кога сме се бореле за свое „место под сонцето“. Најважно е да станеме свесни дека тие престанале да ја вршат својата функција и дека не нè водат кон личен развој или просперитет, туку создаваат маѓепсан круг на лажни човечки односи и привидна исполнетост и задоволство.

Од моментот кога ќе станеме свесни за тоа можеме постепено да почнеме да преземаме и одговорност за нив, а со самото тоа и да се менуваме на подобро.

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука