X
 05.12.2023 Наша тема

Волонтирањето е животно доживување кое те изградува како човек, вели Александра Крстевска, долгогодишна волонтерка

Убавината на волонтирањето е во можноста да се направи позитивно влијание врз животите на другите, да се придонесе за значајни случаи и да се поттикне чувството за заедница, посочува Александра

Денешниов ден се одбележува како Ден на волонтирањето. Ден за промовирање на волонтирањето, неговите позитивни страни и широкоразмерен исход, како и подигнување на свеста и поттикнување на културата за волонтирање. Во многу гранки, во разни сфери допира волонтирањето и ja активира хуманоста кај луѓето.
Се зголемува заедницата на волонтери, свеста секоја година расте, а Александра Крстевска е само една од редовно ангажираните волонтери. Со години се вклучува во разни активности и волонтирањето стана дел од нејзиниот живот и секојдневие.

- Убавината на волонтирањето е можноста да се направи позитивно влијание врз животите на другите, да се придонесе за значајни случаи и да се поттикне чувството за заедница. Повратните информации од волонтирањето често вклучуваат длабоко чувство на исполнетост, личен раст и задоволство од сознанието дека сте помогнале да се направи разлика. Волонтирањето помага во справување со ефектите од стресот и анксиозноста. Аспектот на социјалниот контакт за помагање и работа со други може да има големо влијание врз човекот и севкупна психолошка благосостојба - ни посочи Александра.

Волонтирањето е патот до успехот

Нејзината приказна со волонтирањето почнала со Волонтерскиот центар - Скопје.

- Започнав со учество во активности од локално ниво, па сѐ до интернационално. Пишував и преведував статии за магазинот „Воисес“, кој се објавува онлајн секој месец и четири пати годишно како печатено издание. Секој што ќе посака може да сподели свое животно патешествие или, пак, да пишува на тема која го исполнува. Имам учествувано на многубројни младински размени, тренинг-курсеви, а последно, кое ми беше едно од најголемите и најубавите искуства, е учеството на интернационалниот проект Европски солидарен корпус во Португалија - истакнува таа.



Не постои негативна страна, ниту негативна ситуација од волонтирањето.

- Во волонтирањето, работата со луѓе и различни карактери, навики и мислења е нормално да има несогласувања. Но, волонтирањето е еден вид позитива околу луѓето. Секој што волонтирал знае дека волонтирањето е патот до успехот, слобода на јавен говор, стекнување вештини кои ќе придонесат во животот и градење безброј пријатели насекаде низ светот - споделува нашата соговорничка.

Голема заинтересираност кај младите


Според нејзините сознанија, сѐ повеќе млади во Македонија се информирани за волонтерската работа, а за тоа се задолжени самите невладини организации.

- Тоа е знак дека во Македонија има огромна заинтересираност и желба кај младите на некој начин да се придонесе во општеството. Волонтерскиот центар – Скопје, како невладина организација, секогаш соработува со средните и основните училишта и презентира можности за младите за учество во локални активности, интернационални, како и учество во Еразмус+ програмата. Социјалните мрежи се уште еден дополнителен ангажман за невладините организации и споделување учество во волонтерски активности. Бидејќи имав можност да волонтирам надвор од Македонија, можам со сигурност да кажам дека волонтирањето надвор е еден вид животно доживување кое те изградува како човек. Благодарение на Волонтерскиот центар - Скопје учествував во долгорочен проект во Португалија. Таму стекнав вештини и навики за животот. Научив многу јазици, запознав пријатели, стекнав знаење и успеси. Сите овие вклучувања и искуства што ги доживеав многу ми помогнаа во процесот на вработување. Секој работодавец ги цени трудот и волонтирањето каде и да одите. Затоа, волонтирањето надвор од Македонија му го препорачувам на секој поединец што сака и има желба да се гради себеси - истакнува нашата соговорничка.



Таа секогаш го споделува своето позитивно искуство и им препорачува на помладите да учествуваат во процесот на волонтирање.

- Секогаш ја споделувам мојата приказна кога ќе ме прашаат како успеав да стигнам до таму каде што сум. Секогаш ги мотивирам да го прават најдоброто за нив и за околината. Бидејќи ние сме тие што можеме да промениме и да шириме позитива. Додека, пак, како организација, Волонтерскиот центар - Скопје има безброј ангажмани и активности на кои секој може да им се приклучи. Да волонтираме, бидејќи најмалиот чин на добрина вреди повеќе од најголемата намера - истакнува Александра.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема