X
 06.03.2023 Наша тема

Осиромашувањето, нефункционирањето на институциите и политичките игри прават луѓето да чувствуваат огромна лутина, вели Билјана Велковска

Лутината е една од базичните, основните емоции - како стравот, радоста, згадувањето – и таа природно извира од нашите тела кога се чувствуваме загрозени, нападнати, обесправени... Таа по дефиниција е наш заштитник, што треба само да го препознаеме, да го прифатиме и да научиме како да го управуваме за да работи во наша полза. Истражувајќи ја својата лутина и проблемите што ги имаме поврзани со неа, можеме да откриеме многу за себе и понатаму да се развиваме како личности, вели Билјана Велковска

Генералните емоции што доминираат и преовладуваат на социјалните мрежи се гнев, омраза, лутина, незадоволство, а истиот впечаток го има и Билјана Велковска, авторка на книгата „Умешност на лутината – мал водич за голема лична моќ“, која излезе неодамна. Таа е дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност, магистер по клиничка и советодавна психологија, а се потпишува и на публикацијата „Психосоматика – емоции што разболуваат и лекуваат“. На прашањето зошто често читаме зајадливи коментари на социјалните мрежи, полни со подбивност, со намерна иритација, зошто се ситиме на туѓата несреќа и не умееме да се радуваме на туѓите успеси, таа посочува:

- Нивото на колективната лутина е значително подигнато. Ова воопшто не е за изненадување ако знаеме дека и нивото на колективно незадоволство е пораснато. Губењето на финансиската моќ или осиромашувањето, намалувањето на квалитетот на живот, корупцијата, неефикасното функционирање на институциите (политички, здравствени, социјални, образовни...), политичките игри и превирањата околу македонскиот јазик, државата, идентитетот... Со други зборови, луѓето сѐ повеќе се чувствуваат осиромашени, онеправдани, оштетени, игнорирани... Сето тоа генерира огромна лутина - посочува таа.

Не ја употребуваме правилно лутината!


Колективната лутина, според социјалната психологија, обично поттикнува значајна колективна акција (протести, граѓанска непослушност и слично) насочена кон враќање на достоинството и правата на поединецот и на нацијата. Кај нас, ова не е случај.

- Ние не ја „употребуваме“ правилно својата лутина, туку ја стискаме, ја држиме под контрола. Како на индивидуално така и на колективно ниво, кога лутината се стиска, таа ќе најде некоја ѕирка и проѕирка да се покаже, иако несоодветно и штетно. Тука се оние лути лица, зајадливи и недолични коментари, подбив, губење емпатија и толеранција. Најпоразувачкото, сепак, е што кога лутината се стиска и не се канализира правилно, се појавува безволност, чувство на губење на контролата, чувство на безизлез - вели Билјана Велковска.

Според неа, по правило, луѓето најлесно ќе ја покажат лутината онаму каде што се чувствуваат најбезбедни и најсилни. Едно од местата каде што повеќето од нас се чувствуваат безбедно е домот и често се случува фрустрациите и лутината собирани во текот на денот да се излеат таму.



- Во пошироки општествени рамки, оние од позиција на моќ – шефови, менаџери, управители - е многу поверојатно да бидат отворено и поагресивно лути. Оние што се доживуваат во потчинета позиција стануваат пасивно-агресивни или ја потиснуваат лутината. Автомобилите се доживуваат како лична безбедна зона, што ја објаснува засилената лутина и агресивност на многу возачи во сообраќајот (road rage), одамна препознаен и доста проучуван феномен. Социјалните мрежи се како создадени анонимно и без последици да се блуе и лутина и омраза, а поверојатно е ова да го прават огорчени луѓе, кои во реалниот живот се чувствуваат инфериорни. Многумина сметаат дека вака „се празнат“ од лутината и им олеснува, ама тоа не е точно. Со ова се продолжува и се продлабочува циклусот на незадоволство и гнев, што не е поволен за никој од инволвираните - истакнува Велковска.

Лутината, сама по себе, не е ни добра ни лоша


Лутината е најмалку разбрано човечко чувство. Корен на многу наши дисфункционалности, но и извор на нашата лична моќ.

- Лутината е непријатна, ама особено корисна емоција зашто ни алармира дека сме загрозени – нашето здравје, имот, репутација, уверувања – дека некој ни го одзел правото на нешто, нѐ онеправдал, нѐ повредил, нѐ понижил итн. Во лутина „зовриваме“, лутината нѐ полни со енергија да преземеме нешто околу неправдата. Ако си дозволиме да ја чуеме пораката на лутината и научиме како конструктивно да ја изразиме, тогаш ќе се чувствуваме безбедни и сигурни, тогаш ќе чувствуваме дека имаме контрола и моќ над своите животи, а не дека сме жртва на околностите или на други луѓе. Некогаш одбиваме да си ја прифатиме лутината. Не сакаме да бидеме „зовриени“, напнати, тензични – што ќе правиме со целата оваа енергија во едно цивилизирано општество со свои пишани и непишани правила, што не гледаат поволно на „истурањето“ на лутината? Различни луѓе различно се справуваат со оваа енергија што ја носи лутината, а што умее да биде прилично непријатна - објаснува Билјана.

Начинот на кој се справуваме со својата лутина може да доведе до низа однесувања штетни за нас. Тука се вербалната и физичката агресија (дерење, пцуење, трескање врати, удирање), што води до влошување на личните односи, уништување на пријателствата, партнерствата, кариерите. Можни се разни зависнички однесувања (злоупотреба на алкохол или други супстанции, работохолизам, прекумерно јадење, прекумерно купување итн.), пасивно-агресивно однесување (озборување, тврдоглавост, зајадливост, постојано критикување, глумење жртва...) што повторно води до отуѓување и фрустрација. Често се практикува и свесно намалување („не сум лут, само сум вознемирен, иритиран, главата ме боли“...) или целосно игнорирање на лутината. Ова последново може да резултира и со психосоматски нарушувања, а со лутината најчесто се поврзуваат тензичните главоболки, кардиоваскуларни проблеми и висок крвен притисок, лоша дигестија, проблеми со спиењето - објаснува нашата соговорничка.

- Лутината, сама по себе, не е ни добра ни лоша. Она што одбираме (свесно или несвесно) да го правиме со неа може да ни го загорчи или да ни го разубави животот - потенцира Билјана.

Здраво е да ја прифатиме својата лутина

Здраво е да ја прифатиме својата лутина. Ако ја отфрлиме, го отфрламе делот од нас што разбрал дека е неприфатливо да бидеме третирани лошо и што се побунил; делот од нас што се обидува да нѐ заштити, вели Велковска.



- Прифаќањето вклучува да си признаеме дека сме лути и да разбереме дека имаме право на својата лутина. Ова е тежок чекор за многумина од многу проста причина – сите сме научиле да се справуваме со лутината на одреден начин уште како мали и овој начин останал со нас до возрасната доба. При воспитувањето родителите често не гледаат одобрувачки на детското изразување лутина, па умеат да ги замолчат децата и да ги заплашат („престани веднаш или ќе те натепам“, „добрите деца не прават вака“...), да ги посрамотат или уценат („ваквото однесување е за срам“, „ако вака се однесуваш, никој нема да те сака“, „претеруваш без причина“...) или едноставно да ги игнорираат. Потоа тие деца учат дека да се признае и покаже лутината е срамно, дека повлекува казна и отфрлање и овие ставови ги задржуваат и како возрасни - изјавува Билјана Велковска.

Откако во одредена ситуација сме ја прифатиле својата лутина, потребно е да истражиме кому навистина сме му лути. За жал, многу лутина се излева на погрешно место. Поради тоа, светот станува погрдо место за живеење.

- На пример, мажот што не можел да му врати на шефот кога му викал, па се искарал со сопругата дома за ништо. Таа не можела да му врати на мажот, па се истурила на детето за ситница. Тоа, луто на мајка си, шутнало куче на улица или малтретирало другарче на училиште. Сите тие го замениле објектот на лутината и предизвикале многу непотребно страдање. Откако ќе сфатиме кому сме му навистина лути, треба да земеме предвид зошто сме лути. Дали се лутиме на самото постоење и дејствување на тој некој или на некоја негова постапка? Лутината секогаш е поради конкретна постапка, па затоа кажуваме (најмирно што можеме) дека таа постапка е неприфатлива за нас. Дека нема да биде толерирана во иднина. Така си ги поставуваме и личните граници, особено важни за добросостојбата на една личност. Ќе кажеме мирно, а што правиме со напнатоста во телото? Неа секогаш можеме да ја потрошиме со трчање, удирање во перница, танцување или која било друга активност што ни причинува задоволство - препорачува Велковска.

Лутината е една од базичните, основните емоции - како стравот, радоста, згадувањето – и таа природно извира од нашите тела кога се чувствуваме загрозени, нападнати, обесправени... Таа по дефиниција е наш заштитник, што треба само да го препознаеме, да го прифатиме и да научиме како да го управуваме за да работи во наша полза. Истражувајќи ги својата лутина и проблемите што ги имаме поврзани со неа, можеме да откриеме многу за себе и понатаму да се развиваме како личности, дополнува Билјана.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема