X
 06.05.2022 Живот

Концерт на Дуке Бојаџиев за Денот на Европа

Во рамките на одбележувањето на Денот на Европа ќе се одржи и Конференција на млади од регионот на Западен Балкан, на која ќе бараат решенија за подобра свест за менталното здравје, зајакната регионална соработка, помирување, како и за Европскиот зелен договор.

Денот на Европа годинава е под наслов Европска година на младите и ќе биде одбележан со низа настани, меѓу кои главен ќе биде концертот на меѓународно признатиот филмски композитор, продуцент и пијанист Дуке Бојаџиев, кој ќе се одржи во Градскиот парк во Скопје, в недела (8 мај) во 20:15 часот.

Инаку, програмата за одбележување на Денот на Европа почна вчера со изложба на уметнички дизајнирани портрети на млади луѓе под наслов „Иднината на Европа“, поставена во трговскиот центар „Ист гејт“ во Скопје. На изложбата се претставени млади од Македонија кои имаат талент, енергија и идеи. Личностите прикажани на оваа изложба се само дел од многуте успешни кои се вистински носители на европските вредности, а беа избрани по случаен избор, врз основа на нивните достигнувања во одредени области, што ги претставува сите средини.

Денеска напладне се организира Младинска конференција #ThinkForward: МЛАДИТЕ АКЦИЈА СЕГА! која ги таргетира младите од Западен Балкан (WB6) во сета нивна различност, а ќе почне во „Јуроп хаус Скопје“ во форма на динамично шоу. Ќе има вклучување во живо од Крива Паланка и Струмица, како и на младите од Приштина, Подгорица, Сараево, Тирана (Европска младинска престолнина за 2022) и Нови Сад (Европска престолнина на културата за 2022). Работниот дел од конференцијата ќе се одржи на 9 и 10 мај во Младинскиот културен центар, каде што ќе се сретнат 30 млади луѓе од целиот регион на Западен Балкан за да разговараат за решенија за подобра свест за менталното здравје, зајакната регионална соработка и помирување, како и за Европскиот зелен договор.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот