X
 06.05.2023 Живот

Бислимска Клисура - мала клисура со големи тајни

За трагачите на помалку познати авантуристички локации и места кои се недоволно туристички валоризирани, предлогот на проф. Дарко Оносимоски за овој викенд е Бислимската Клисура, па ако добро ја истражите оваа клисура и поширокото течение на реката Пчиња, таа со сигурност ќе ги исполни вашите очекувања.

Бислимска Клисура се наоѓа по течението на реката Пчиња, во североисточниот дел од Македонија. До клисурата може да се пристапи од повеќе места, но најчесто почетна точка за планинарите и алпинистите е селото Пчиња, од каде што води јасно обележана патека по течението на реката каде што на места има спуштање, но и на стрмни места бара искачување по варовничките карпи.



Богатството од историско-културни и природни вредности кои се среќаваат тука ја прави оваа локација да биде со голем туристички потенцијал. Бислимската Клисура е место речиси непознато за пошироката јавност, досега е посетувана само од мал број авантуристи и истражувачи.

Седумкилометарската клисура е всечена во варовнички карпи со јурска старост. Има стрмни страни, на некои места речиси вертикални, и наликува на кањон. Вкупната должина на клисурата изнесува само 7 км, но во тој предел има богатство од геоморфолошки ерозивни и акумулативни форми. Меѓу локалното население често пати клисурата е именувана само со терминот ,Бислим. Меѓу локалното население терминот Бислим создава асоцијација за каменест и мистериозен простор, колку повеќе ја истражувате клисурата, ќе заклучите дека навистина тоа е така.



Доколку се движите по течението на реката Пчиња во Бислимската Клисура, во карпите се забележуваат голем број пештери кои се дом за огромен број ендемични видови фауна. Во кањонот се откриени десет пештери, од кои најдолга е пештерата Студен Пештер (90 м). Според уникатниот пештерски накит се издвојува пештерата Лишков Пештер, а најдлабока пропаст е Маркова Куќа со длабочина од 40 м. За големиот број пештери во Бислимската Клисура постојат многу легенди кои се пренесуваат од колено на колено меѓу локалното население.



Едно од верувањата е дека доколку се влезе во некоја од пештерите, човек ќе доживее несреќа, другото верување е дека во близина на пештерата Лишков Пештер има закопано голема количина злато кое доколку некој го земе, ќе доживее голема трагедија. Освен големиот број пештери, релјефот го надополнуваат и голем број вртачи, ували, раседи, шкрапи, суводолици итн.

Во дел од клисурата на локалитетот Градиште се среќаваат темели од градба која потекнува од римскиот период, а исто така се среќаваат и остатоци од бедеми, што јасно укажува за активностите и животот на луѓето од најстарите историски епохи на овој простор.



Најубав панорамски поглед кон Пчиња и Бислимската Клисура може да се доживее од врвот Кукуљатица. Вертикалните карпи претставуваат одлична можност за алпинизам. За време на викендите може да се сретнат љубители на екстремните спортови.

Ова е несомнено одлично место за кратки прошетки кои не бараат голема физичка подготвеност. Најдобар период за посета на клисурата е во текот на пролетта, кога целиот простор е многу колоритен, со многу ретки видови растенија.




Автор на текстот и фотографиите: професор Дарко Оносимоски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот