X
 06.06.2019 Наука

Повеќето атеисти и агностици веруваат во натприродни појави

Се чини дека верувањето во натприродното и понатаму е присутно кај повеќето луѓе, дури и меѓу оние што не се верници и се декларираат како атеисти.

Според неодамнешно истражување, дури и атеистите прифатиле некои натприродни чувства. Истражувањето доаѓа од проектот наречен „Разбирање на неверувањето“, спонзорирано преку Универзитетот во Кент во Велика Британија и било засновано на илјадници атеисти и агностици.

- Неверувањето во Бога не мора да значи и неверување во други натприродни феномени. Атеистите и агностиците покажуваат пониско ниво на верување во натприродното отколку пошироката популација. Сепак, само малцинство од атеистите и агностиците се чини дека се темелни натуралисти - вели истражувањето.

Според наодите од истражувањето, научниците разговарале со илјадници атеисти и агностици од шест земји: Бразил, Кина, Данска, Јапонија, САД и Велика Британија. Повеќето од нив, и покрај нивниот атеизам, веруваат во барем една натприродна појава.

На пример, меѓу атеистите во Велика Британија околу 12 отсто веруваат во реинкарнација, а 20 отсто во живот по смртта. Севкупно, 71 отсто од атеистите имаат некои слични ирационални верувања, додека кај агностиците тој број изнесува 92 отсто.

Атеистите и агностиците опфаќаат околу 37 отсто од жителите во Велика Британија, така што во комбинација со религиозните луѓе излегува дека поголемиот дел од британското население, па дури и глобалното население, верува во натприродното.

Глобално гледано, најраспространетото натприродно верување е поврзано со судбината. Многу атеисти и агностици веруваат дека некои важни настани во животот едноставно требало да се случат и дека постојат фундаментални сили на доброто и злото. Во тоа веруваат помеѓу 20 и 30 отсто од атеистите во Велика Британија и САД и околу 40 отсто од агностиците.

Истражувачите исто така ги испитувале луѓето за кармата, натприродните суштества, луѓето со мистични сили и слично. Дури и феноменот во кој најмалку се верува, кармата, го поддржуваат околу 10 отсто од атеистите и 30 отсто од општата популација во Велика Британија.

Истражувањето покажа дека јапонските атеисти најмалку веруваат во натприродни феномени, но дека атеистите и агностиците од западните земји најмногу ги прифаќаат науката и научниот метод. Така, две третини од Британците веруваат дека научниот метод е единствениот сигурен пат до науката, додека во тоа веруваат 46 отсто од светското население.

- Луѓето не се рационални - вели антропологот и лидер на проектот, Џонатан Ланман. Тој смета дека овие резултати ни покажуваат како функционира нашиот мозок.

- Индивидуални натприродни верувања може да имаат психолошка основа, не треба да постои религиозен модул во умот што би ги произведувал - додава тој.

Психологот Марјан Линдеман од Универзитетот во Хелсинки е изненаден од резултатите од ова истражување. Според нејзините сопствени истражувања за натприродните верувања, повеќето атеисти ги отфрлаат ирационалните верувања.

- Ако не верувате во натприродно суштество како Бог, прилично е тешко да се верува во други видови натприродни феномени. Станува збор за начинот на размислување, расудување, знаење и аргументација - вели Линдерман и додава дека резултатите се контрадикторни затоа што луѓето се чувствителни на начинот на кој се поставуваат прашањата за верувањето и дека прашањата за судбината, доброто и злото може да се толкуваат на секуларен начин.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука