X
 06.07.2018 Живот

Македонците се чувствуваат стабилно на работните места, Србите купуваат најмногу домашни производи, Албанците веруваат во ЕУ

Во изминатите 12 месеци 47 отсто од Балканците не можеле да си дозволат викенд надвор од дома, 19 отсто не можеле соодветно да го затоплат својот дом, 21 отсто не можеле да платат наемнина или сметки, а 14 отсто не можеле да си дозволат основни намирници, како облека и храна!

Седумдесет и пет проценти од вработените Македонци веруваат дека ќе останат вработени и во следните 12 месеци, што е највисок процент во регионот, покажува еден од резултатите на „Балканскиот барометар 2018“ објавени денес. 71 отсто од македонските компании сметаат дека квалитетот на регионалната соработка е мошне важен за напредокот на нивниот бизнис.
Истражувањето е спроведено кон крајот на минатата година на примерок од шест илјади граѓани и 1.200 компании.


Македонците најсигурни во своите работни места, Црногорците ја сметаат тешката и напорна работа како предуслов за успех, Србите повеќе ги избираат домашните производи, Албанците најсвесни за придобивките од влезот во ЕУ.
Резултатите од 4. издание на „Балкански барометар“ беа презентирани денеска во Брисел, во рамките на состанокот на Советот за регионална соработка, објави МИА. Резултатите покажуваат дека во Македонија се чувствува оптимизам по надминувањето на политичката криза.

40 отсто од анкетираните македонски граѓани сметаат дека Владата најчесто ефективно се бори против корупцијата. 35 отсто се проактивни во однос на добивање информации за можностите во странство.
Генерално истражувањето покажува дека задоволството на јавноста во регионот на шесте земји, иако под просекот, сепак бележи подобрување. Граѓаните се многу попозитивни во однос на иднината, отколку кон сегашната состојба. Невработеноста сѐ уште е најголемиот проблем со кој се соочува регионот, има сигнали за подобрување на состојбата на пазарите на труд, што се оценува како позитивен тренд во насока на спречување на одливот на мозоци.

И додека подобрувањето на економската состојба и зголемувањето на вработеноста позитивно влијаат врз чувствата на граѓаните, политичката ситуација сѐ уште ги влече надолу перцепциите. Подобрувања се забележани во однос на регионалното расположение за интеграција во ЕУ.
Јавниот индекс на задоволство бележи зголемување за седум отсто, од 35 во 2015 на 42 отсто во 2018. Процентот на задоволни стопанственици е 62 отсто во однос на 47 во 2015. Педесет и шест отсто од граѓаните се незадоволни од моменталната економска состојба, додека задоволство изразиле 14 отсто, што е за пет проценти повеќе од 2015. Мнозинството, односно 59 отсто од испитаниците сметаат дека полот не игра улога при вработувањето, но сепак 27 отсто преферираат да вработат мажи, а само осум - жени.

69 отсто од Балканците својата социо-економска состојба ја сметаат за просечна. 47 отсто не можеле да си дозволат викенд надвор од дома во изминатите 12 месеци, 19 отсто не можеле соодветно да го затоплат својот дом, 21 отсто не можеле да платат наемнина или сметки, а 14 отсто не можеле да си дозволат основни намирници, како облека и храна.


Познавањето на вистинските луѓе е фактор број еден за успех во животот (29 отсто), на второ место е напорната работа (26 отсто), а на трето е доброто образование (21 отсто). Забележан е исклучителен недостиг на доверба во институциите во регионот. Парламентот е институција која ужива најмала доверба - 28 отсто, а најголема има омбудсманот - 37 проценти. Подмитувањата се доминантни во здравството за 15 отсто од испитаниците, шест отсто сметаат дека тоа се случува во полицијата, а четири проценти во судството.
Најкорумпирани, според испитаниците, се политичките партии - 79 отсто, потоа следуваат вработените во правосудниот систем за кои се определиле 75 отсто, за царина и здравство се определиле 74 отсто, 63 проценти - за образованието, а 42 проценти за корумпирани ги сметаат верските лидери. Седумдесет отсто од балканските граѓани сметаат дека нивните влади не се справуваат ефикасно со корупцијата.
Задоволството од севкупната безбедносна состојба е под просекот.

Косово има највисок процент на домаќинства со по тројца вработени - 22 отсто. Косовските граѓани изразиле највисок оптимизам во однос на нивната лична финансиска ситуација - 42 отсто од нив очекуваат натамошно подобрување.

Во Србија, мнозинството семејства - 55 отсто велат дека немаат невработен член, а Србите најмногу од сите граѓани во регионот, 90 отсто, избираат домашни производи. Србија има најмногу граѓани што би останале во државата - 58 отсто велат дека не ја разгледуваат можноста да се иселат во странство. Тешката работа е предуслов за успех, изјавиле 35 отсто од Црногорците, што е највисока вредност во регионот во однос на ова прашање. И јавноста и стопанствениците во Албанија се најсвесни за придобивките од влезот во ЕУ. 81 отсто сметаат дека регионалната соработка ќе придонесе за подобрување на политичката или безбедносната ситуација, а следствено на тоа и можност за развој на економијата. Во Албанија има највисок процент на граѓани што сакаат да работат во приватниот сектор - 28 отсто, на регионално ниво овој процент изнесува 16.

Во БиХ карактеристична е разликата меѓу песимизмот кој го изразуваат граѓаните и оптимизмот кој го изразиле стопанствениците. Четириесет и осум отсто од компаниите нагласиле дека нивната ситуација се подобрила во изминатите 12 месеци. Босанските компании пријавиле највисок процент на извоз на други пазари - 19 отсто во споредба со 13 отсто на регионално ниво.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот