X
 06.09.2017 Култура

Филмот „Кога јагнињата ќе стивнат“ сѐ уште е ненадминат хорор-филм

Филмот „Кога јагнињата ќе стивнат“ без сомнеж е една од најголемите ненадминливи филмски класики. Брилијантна глума, сценарио и режија, напнати дијалози и подробно разработен психолошки аспект на филмската сторија, на ова остварување му донесоа пет „Оскари“ и слава која не бледнее.

Но, покрај сите критики и одликувања, она што овој филм го прави нанадминлив е тоа што едноставно е прв и неповторлив. Едноставно, филмот е ремек-дело.

Кларис Стерлинг, перспективната студентка на академијата на ФБИ, која во филмот маестрално ја толкува актерката Џоди Фостер, претставува сосема поинаков лик на агентите на разузнавачките служби: таа е интелигентен и посветен професионалец кој се држи до проверените методи и многу промислено успева да ги води разговорите со искусниот сериски убиец Ханибал Лектор.

Низ ликот на Кларис се провлекува и јасна феминистичка порака: таа е жена вработена во професија каде што доминираат мажите, чија задача е да разговара со озлогласениот криминалец во едно многу непријатно опкружување, затоа што ѝ е доверена тешка задача – да го фати човекот кој крвожедно убива жени со помош на искуството на убиецот Лектор.

Имајќи го предвид сето ова, Кларис е единствена не само по тоа што е сосема атипична во морето на други филмски агенти туку и затоа што таа ги прескокнува сите препреки за да се докаже во едно сосема поинакво светло. Како таква, таа е инспиративна, особено во тежиштето на овој филм кое се заснова на дијалозите меѓу младата агентка Кларис и форензичкиот психолог (подоцна сериски убиец) Ханибал Лектор. Имено, за да дојде до серискиот убиец на жени наречен Бафало Бил, таа мора да помине низ серија разговори со Ханибал, кој поседува информации од клучно значење за оваа потера.

Сепак, елоквентниот и луциден Лектор не се придобива лесно затоа што се служи со методата quid pro quo. Во превод, тој инсистира на размена на информации, па Кларис го храни со најмрачните тајни од сопственото детство во замена за мал увид во психотичниот ум на лудиот убиец.

Во текот на разговорите Кларис му ја раскажува на Лектор приказната за трагичната смрт на нејзиниот татко, по што ја одвеле на една фарма за одгледување овци, каде што вистински или халуцинирајќи, постојано наутро слушала крици од јагниња. Овој настан толку ѝ се врежал во сеќавањето, што пред него признава дека тие крици постојано ја следат.

И покрај тоа што надредените ѝ сугерираат на Кларис дека не би требало да му оддава никакви информации за себе, Кларис интуитивно го следи својот внатрешен порив и свесно влегува во игра на загатки и одгатнувања, што на крајот ќе се покаже како ефективна. На тој начин Кларис доаѓа до неопходните информации за истрагата, успевајќи да го фати Бафало Бил, но во меѓувреме Лектор успева да побегне од затворската болница, а филмот завршува со прочуената сцена во која Лектор телефонски ја бара Кларис и ја прашува:

„Кажи ми, Кларис, дали јагнињата стивнаа?“

Секако дека дијалозите меѓу двајцата главни актери во овој филм се една од ставките поради кои филмот е толку квалитетен. Речиси никогаш претходно во ниту едно остварување не постоела толку интензивна несексуална конекција меѓу маж и жена. Нивната манипулативна игра и интелектуално-психолошко надигрување предизвикуваат морници и нè оставаат без збор.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура