X
 06.11.2018 Наука

Откриена една од најстарите ѕвезди во универзумот

Кога и да слушнеме за откриени ѕвезди што се формирале по Големата експлозија, тие се многу далеку во универзумот. Но, сега астрономите забележаа нешто ново: ѕвезда која е околу 13,5 милијарди години стара и е во нашата галаксија Млечен Пат. Ѕвездата се вика „2MASS J18082002–5104378 B“ и можеби е една од најстарите ѕвезди во универзумот.

Тајната е во содржината на метал. Во раниот универзум немало метали. Тие биле во сржта на првите генерации ѕвезди, кои ги исфрлиле низ вселената по „насилната смрт“.

Овој материјал потоа се измешал во формацијата на новите ѕвезди, а секоја следна генерација била побогата со метали. Колку била помлада ѕвездата, толку повеќе метал содржела.

„2MASS J18082002–5104378 B“ содржи најмалку метал од која било друга откриена ѕвезда - само околу 10 отсто од содржината на метал во Земјата.

Исто така, новооткриената ѕвезда е мала - само околу 10 отсто од масата на Сонцето.

- Никогаш не сме откриле ѕвезда со толку мала маса и направена од малку метал. Откритието ни кажува дека првите ѕвезди во универзумот не биле масивни ѕвезди што „умреле“ многу одамна. Овие стари ѕвезди би можеле да се формираат од многу мали количини материјал, што значи дека некои од тие реликвии по Големата експлозија можеби сè уште постојат. Тоа ни дава нова гледна точка за формирањето на ѕвездите во универзумот - истакна астрофизичарот Ендрју Кеси од Универзитетот „Монаш“ во Австралија.

Ѕвездата не била забележана досега и покрај тоа што е во Млечниот Пат, а причината е тоа што е мала. Постоењето на оваа ѕвезда ги предизвикува популарните мислења за тоа како изгледа многу стара ѕвезда. Не сите се големи и многу далеку од нас. Всушност, според пресметките, мала ѕвезда може да живее милијарди години. Според Кеси, масивните ѕвезди живеат брзо и умираат млади, но помалку масивните (на пример, 20 отсто помали од Сонцето), со леснотија можат да живеат 13 милијарди години.

- Проблемот е што астрономите долго веруваа дека првите ѕвезди во универзумот биле масивни и поради тоа ниедна од нив не би требало да преживее до денес. Ова откритие помага да се промени сето тоа: покажува дека дамнешните ѕвезди може да имаат мала маса, што подразбира дека некои од најстарите ѕвезди во универзумот може и денес да се тука - вели Кеси.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука