X
 07.02.2022 Живот

Одлична атмосфера на турнејата во САД на македонскиот гитарист Владимир Четкар

Со неверојатна атмосфера и луѓе желни за добар настап, познатиот македонски џез-гитарист Владимир Четкар беше пречекан на трите досегашни концерти од неговата турнеја во САД. Охриѓанецот ја отвори турнејата во Детроит, по што следуваше настап во Чикаго, а викендов свиреше во Кливленд, каде што приреди уште еден одличен концерт.

- Двата концерти во Детроит и во Чикаго беа преполни и имаше неверојатна атмосфера. Концертот во Кливленд во саботата, исто така, беше одличен, со прекрасна публика. Веднаш се забележува дека луѓето се желни за вакви настани - изјави Четкар.

Следна концертна станица на Четкар е Њујорк, каде што на 12 февруари ќе настапи во хотелот „Хилтон“, а крајот на турнејата ќе го одбележи со прославување на неговиот 100. интернационален концерт надвор од Балканот. Јубилејниот концерт ќе се одржи на 18 февруари во познатиот музеј „Нортон“ во Вест Палм Бич, Флорида.

- Овој концерт е симболичен за мене бидејќи ќе биде 100. концерт со моја авторска музика надвор од балканските граници. Како и на претходните три концерти, така и на претстојниот концерт во Њујорк и на јубилејниот настап во Флорида, очекувам прекрасна атмосфера од присутните таму - додаде Четкар.

Четкар има студирано на престижниот колеџ за музика „Беркли“, отсек модерна продукција, аранжман и џез-гитара. Тој во 1996 година отишол на студии во САД и дипломирал во 2001 година. Со веќе плодна дведецениска кариера Четкар има настапувано во САД, во речиси сите поголеми градови, Канада, Англија, Италија, Унгарија, Јужна Кореја, Индија, Кина, Хонгконг, Индонезија, Камбоџа, Тајланд, Малезија, Србија, Мексико, Гватемала и други земји во Централна Америка.

фото: Џорџе Стојадиновиќ

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот