X
 07.02.2022 Живот

Работодавците од Босна и Херцеговина бараат увоз на работници од Пакистан, Индија, Бангладеш...

„Нашите работници масовно заминуваат. Веќе не е пресудна само платата, доста им е и од политичките препукувања во нашата земја“

Босанските работодавци во повеќе наврати барале поедноставување на процедурите за вработување странци и тврдат дека тоа е неопходно со оглед на тоа дека ситуацијата со тамошната домашна работна сила секоја година станува сè подраматична, односно веќе не може да се најде. Убедени се дека доаѓа уште потежок период откако Германија објави дека на годишно ниво ѝ недостигаат 400.000 работници, а и Швајцарија најави отворање на границите за работници од странство.

Потенцијална работна сила гледаат во Турција, Индија, Бангладеш, Пакистан, Непал, Филипините, но и други земји. Засега во БиХ доаѓаат непознат број работници од други држави. Барем кога станува збор за легално одење.

Така, минатата година околу 2.000 странски работници добиле работна дозвола и активен престој во БиХ. Станува збор главно за граѓани на Србија, Турција и Хрватска, но и многу подалечни земји. Една од нив е Бангладеш. Во текот на минатата година 22 лица од таа земја добиле работна дозвола во БиХ и повеќето биле ангажирани на градилиштата на компанијата „Инвест-Јокиќ“.

Од компанијата истакнале дека пред две години се решиле на тој чекор бидејќи не можеле да најдат работна сила на домашниот пазар, никој не се јавувал на огласите, а во бироата за вработување немало соодветно квалификувани работници - столари, ѕидари и армирачи.

Маријана Миловиќ, извршна директорка на компанијата, за „Бука“ изјавила дека има голем интерес за ангажирање странски работници, дека им се обраќале од други градежни компании за да се распрашаат за процедурата, но дека не ѝ е познато дали уште некој се решил за тоа.

И Доминик Рашкај, маркетинг и ПР-менаџер, вели дека босанските компании сè почесто се решаваат за „увоз“ на работна сила. Тој е убеден дека доаѓа време кога нивниот број значително ќе расте бидејќи босанските работници сега масовно заминуваат. Вели дека веќе не е пресудна само платата, туку им е доста и од политичките препукувања во земјата.

Економистот Адмир Чавалиќ, пак, истакнува дека доаѓањето на странска работна сила во БиХ не е нешто невообичаено, ниту треба да се набљудува како такво, туку како резултат на глобализациските процеси, отворањето на границите, потребите на пазарот на труд и слично. Вели и дека во Босна и Херцеговина, во споредба со соседна Хрватска, одат занемарлив број странски работници. Од една страна, тоа е резултат на ниските стапки на економски раст и неразвиената економија, додека од друга страна, има низа бариери - од ниски квоти за работни дозволи до некои процедурални причини, но и самото работно опкружување, кое е дестимулирачко за работа, како за домашните така и за странските работници.

- Добро е што ни доаѓа странска работна сила, особено ако се подготвени да ги прифатат работите кои нашите работници, оправдано, не сакаат да ги работат - вели Адмир.

Извор: Buka
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот