X
 07.07.2023 Живот

Две 80-годишни баби го заобиколиле светот за 80 дена

Ели Хемби, искусна документарна фотографка, и Сенди Хејзлип, позната докторка, се неверојатни жени кои решиле да ги остварат своите соништа и да го заобиколат светот за 80 дена.

Тие ја почнале својата амбициозна авантура на 11 јануари, тргнувајќи на патување од прекрасните плажи на Бали до мистичните пустини на Египет. Овие 80-годишни баби решија да го споделат своето искуство со светот, па направија блог наречен „Околу светот за 80 дена“, каде што редовно ги споделуваа своите искуства од патувањата. Нивните приказни станаа инспирација за многумина, додека со својата храброст и одлучност покажаа дека годините не се пречка за остварување на соништата.

Нивната прва станица била локација што ја избегнуваат дури и многу искусни патници: Антарктикот. За да се дојде до најјужниот континент, најпрво треба да се помине Дрејковиот премин, озлогласените немирни води помеѓу јужниот врв на Јужна Америка и Шетландските Острови.

- Се нишавме, се тркалавме и се лизгавме низ Дрејковиот премин речиси два дена и бевме исплашени за нашите животи - рече Хемби.

- Но, кога стапнавме на Антарктикот, го заборавивме сето тоа. Видовме пингвини, санта мраз и глечери. Едноставно, ова искуство беше неверојатно - додава таа.

Од тој прв подвиг, најдобрите пријателки патувале во 18 земји на сите седум континенти, секогаш во исти маици. Со текот на времето привлекоа голем број следбеници на социјалните мрежи кои често ги нарекуваа „патувачки баби“.

 
Сенди Хејзлип вели дека ја запознала Ели Хемби откако нејзиниот сопруг починал во 1999 година. Таа била на медицинската мисија во Замбија, проект што го воделе Хемби и нејзиниот сопруг. Двете се зближиле поради заедничкиот интерес за патување и развиле посебна врска откако починал сопругот на Ели Хемби, во 2005 година.

Хејзлип вели дека идејата за нивното патување се јавила неколку години пред да наполнат 80 години.

 
- Идејата ја добив бидејќи претходно веќе патувавме заедно во странство. И околу четири години пред да наполниме 80 години, еден ден ѝ реков: „Ели, зарем не би било забавно да се заобиколи светот за 80 дена на 80 години?“ - раскажува Хејзлип.

На нивната веб-страница Хемби и Хејзлип истакнуваат дека ова патување им го посветиле на нивните покојни сопрузи, Кели и Дон.

- Ни недостигате и би сакале да ни се придружите на нашата авантура - пишуваат тие.

 
Првично планирале да го започнат патувањето во 2022 година за да го одбележат својот 80-ти роденден.

- Пандемијата ни ги уништи плановите, но не нѐ спречи - велат бабите.

 
Во период од три месеци овие бабички јавале камили во Египет, запознале слонови на Бали, танцувале во Непал и ја гледале поларната светлина во Финска. И покрај предизвиците, најдобрите пријателки тврдат дека успешно ги завршиле своите авантури без никакви расправии.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот