X
 07.08.2021 Наша тема

Зелената енергетска транзиција е невозможна без приватни инвестиции

Јавните инвестиции во секторот енергетика се мали по обем и придонесот на другите извори на финансирање, особено на домашниот и на странскиот приватен капитал, ќе биде клучен за реализација на Стратегијата за енергетика, велат од Министерството за економија


Напуштање на јагленот и ориентирање кон обновливи извори на енергија најавуваат домашните институции со цел Македонија по 2030 година да ја намали или елиминира емисијата на штетни гасови од горењето на јагленот или другите фосилни горива. По 2030 година Македонија се обврза да не користи јаглен, а во меѓувреме се најавени и инвестиции во големи проекти за добивање струја од обновливи извори на енергија (ОИЕ). Енергетските експерти ја поздравуваат одлуката за десетина години целосно да се напушти користењето на јагленот, но притоа укажуваат дека се потребни сериозни планирања за да се гарантира стабилноста на енергетскиот сектор.

- Ваквата најава е за поздравување. Десет години се доволен период да се направи преод кон производство на електрична енергија претежно базирано на ОИЕ. За да не остане сè на ветување, потребно е да се работи во три правци. Прво, на еден солиден одржлив финансиски план. Со какви инвестиции и во која мера би можела оваа цел да биде остварена. Тоа би значело дека Владата треба да има солиден буџет и добро образложение во јавноста за да се распределат овие средства кои, да не заборавиме, доаѓаат од граѓаните - даночните обврзници. Второ, со една јасна визија не само во областа на производството на електрична енергија, туку и во подобрување на енергетската ефикасност, нови концепти во реорганизирање на транспортот и во сообраќајот, како и примена на нови енергенси кои не испуштаат јаглероден диоксид. Трето, имплементација на паметен пазар на енергија, паметни мрежи и паметни потрошувачи, вклучувајќи напредни технологии во комуникација и управување, кои придонесуваат за повисок степен на енергетска ефикасност. Со еден збор, концепт на сеопфатно планирање на енергетскиот развој на државата - објаснува универзитетскиот професор Горан Рафајловски од Факултетот за електротехнички и информациски технологии.

Од Министерството за економија посочуваат дека заедно со Владата работат на развој на политики кои ќе придонесат кон енергетска транзиција, со нови инвестиции во ОИЕ и поттикнување на енергетската ефикасност, и со развој на националниот гасификацски систем и негово интерконективно поврзување со соседните земји.

- Само преку енергетската транзиција можеме да ја поттикнеме заштитата на животната средина. Стратегијата за развој на енергетиката усвоена од Владата во 2019 година има три сценарија - референтно, сценарио со умерена транзиција и зелено сценарио, кои одразуваат различна динамика на енергетска транзиција и овозможуваат флексибилност на земјата да одговори на соодветните политики за управување во ЕУ, кон модерна, конкурентна и климатски неутрална економија до 2040 година. Дополнително, подготвен е Национален план за енергија и клима (НПЕК), кој го покрива периодот од 2021 до 2030 година и го пропишува патот до целите до 2030 година - велат од Министерството за економија.

Интегрираниот Национален план за енергија и клима ги образложува сите пет димензии на Енергетската унија, односно декарбонизација (два сегменти: емисии на стакленички гасови и обновливи извори на енергија), енергетска ефикасност, безбедност во снабдувањето со енергија, внатрешен пазар на енергија и истражување, иновации и конкурентност.

- Во планот се предложени 63 политики и мерки за постигнување на поставените цели за секоја од петте димензии. За секоја димензија се предвидени мерки и цели кои треба да се постигнат до дефинираната година. Со цел да се процени индивидуален ефект на секоја од предложените мерки и политики, секоја мерка се моделира индивидуално. Во сценариото со постојните мерки (WEM) и сценариото со дополнителни мерки (WAM), сите политики и мерки се моделираат заедно, со цел да се земе предвид интеракцијата меѓу нив и да се избегне ризикот од непотребни инвестиции и предимензионирање на системот. Резултатите од Зеленото сценарио од енергетската стратегија во 2025 година покажуваат значаен напредок кон енергетската транзиција. Според ова сценарио, во 2025 година се предвидени заштеди во финалната потрошувачка на енергија од 12,7 отсто. Мораме да внимаваме и на зависноста од увоз, која се предвидува да достигне 72 проценти во 2025 година, што се должи на можното затворање на ТЕ Битола и отворање нови капацитети за производство на електрична енергија од природен гас, коj пак е увoзно гориво. Инвестициите во ОИЕ ќе придонесат нивниот удел во бруто-финалната потрошувачка на енергија да се зголеми на 30 проценти, што истовремено ќе придонесе и за намалување на емисиите на стакленички гасови за 55 отсто во споредба со 1990 година. Вкупната цена на енергетскиот систем во 2025 година би чинела 3,4 милијарди евра и се предвидува дека ќе бидеме целосно усогласени со правните и регулаторните прописи на Енергетската заедница и ЕУ - објаснуваат од МЕ.

Од Министерството посочуваат дека е подготвена и нацрт-програма за реализација на Стратегијата до 2025 година, што покажува дека декарбонизација и енергетска ефикасност имаат приоритет за исполнување на целите до 2025 година.

- Првичните наоди и претпоставки упатуваат дека транзицијата на јагленот ќе почне преку зеленото сценарио на тој начин што се предвидува дека ќе има 66 отсто намалување на емисиите во енергетскиот сектор, а притоа да не се наруши безбедноста во снабдувањето со електрична енергија. За тоа е предвидена изградба на „Чебрен“, како пумпно-акумулациона централа и при истовремена ревитализација на големите хидроцентрали кои ќе ја подобрат флексибилноста на системот и ќе овозможат поголемо вклучување на променливите ОИЕ во системот. Во услови на намалено производство или затворање на ТЕЦ Битола, оваа мерка е клучна за сигурноста во снабдувањето и придонесува за зголемување на учеството на ОИЕ. Направени се анализи на сензитивност, кои покажуваат дека ако „Чебрен“ и другите хидроцентрали не се изградат, треба да се разгледа можноста за изградбата на гасна електрана. Ова ќе ја зголеми флексибилноста на системот, но во споредба со опцијата за изградба на хидроцентрали, нема да придонесе за подобрување на целокупното учество на ОИЕ и намалување на увозната зависност. Изградбата на нова гасна електрана е условена со изградба на нова интерконекција за природен гас. Последната, најнеповолна опција е зголемување на увозот на електрична енергија - потенцираат од Министерството.

Вкупната вредност на инвестициите во енергетскиот сектор, предвидени со драфт-програмата за реализација на Стратегијата за развој на енергетиката 2021-2025, изнесува околу 4,2 милијарди евра, што упатува на просечна годишна вредност на планираните инвестиции во висина од околу 840.000.000 евра и е во согласност со Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година. Овие инвестиции се за крупни инфраструктурни проекти, дел од вкупно предвидените инвестиции во енергетскиот сектор на Македонија во петгодишниот период.

- Планираните јавни инвестиции во енергетиката во периодот 2021 - 2025 година изнесуваат околу 390 милиони евра, а од нив заклучно со 2025 година се очекува да се реализираат според сегашниот статус само околу 173 милиони евра. Сето ова укажува дека јавните инвестиции во секторот енергетика се мали по обем и дека придонесот на другите извори на финансирање (особено на домашниот и на странскиот приватен капитал) ќе биде клучен за реализација на Стратегијата за енергетика - потенцираат од МЕ.

Енергетичарите потенцираат дека исполнувањето на енергетската транзиција треба да се прави чекор по чекор, но притоа мора да се води сметка да се произведе базна енергија неопходна за стабилноста на секторот.
- Во производството на електрична енергија не може да се потпреме само на ОИЕ. Кога има сонце и ветер, ќе има и енергија, но кога нив ќе ги нема, ќе ни биде потребна акумулирана енергија, а ние како држава немаме таков објект. Десетина години апелирам да се гради акумулациона брана на „Чебрен“ за да може да работи ноќи или кога ќе нема сонце и ветер, но да има енергија за граѓаните. Ако се потпреме само на ОИЕ, а немаме каде да акумулираме енергија, ќе останеме без неа - вели универзитетскиот професор Константин Димитров.
Подготвил: Петранка Огнаноска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема