X
 07.11.2022 Живот

Македонија со најлоши резултати во регионот во однос на ПИСА-тестовите и медиумската писменост

Во 2021 година Индексот за човековиот развој глобално почнува да опаѓа. Македонија е на петто место во светот по стапката на смртноста од ковид-19, а шокот од пандемијата најмногу ги оптоварува жените. Земјава исто така ги има најлошите резултати во регионот во поглед на ПИСА-тестовите, заедно со најнискиот резултат за индексот на медиумска писменост, од сите земји во Европа.

Како што се забележува во Извештајот за човековиот развој 2021/2022 на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), иако Македонија имала мало подобрување минатата година, општата перцепција на корупцијата придонесува кон слабото владеење во државата и можноста за демократско назадување.

Извештајот, што беше презентиран денеска во кабинетот на претседателот, е насловен „Неизвесни времиња, несигурни животи, обликување на нашата иднина во светот што се менува“, а е изработен од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС).

Според претседателот на Институтот, Марко Трошановски, ако се гледа од перспектива на Југоисточна Европа, Македонија навидум каска зад земјите од регионот, иако статистичките разлики не се многу големи.

Поконкретно, како што рече тој, и лонгитудиналните и вредностите на ИНЧР 2021/22 укажуваат на тоа дека Северна Македонија се наоѓа зад сите други земји од поранешната Југославија, а и Бугарија, Грција и Албанија.

-Пет земји од кохортата на Југоисточна Европа се наоѓаат во групата земји со многу високо ИНЧР – Словенија, Грција, Хрватска, Црна Гора и Србија, а четири се во групата земји со високо ИНЧР – Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија. Позитивно е што зголемувањето на процентот на порастот на ИНЧРТ во двете децении (2000-2010 и 2010-2021) е меѓу најголемите во регионот - рече Трошановски.

Тој напомена дека поради низа кризи, ИНЧР на глобално ниво опаѓа две години по ред, па дури и пред да се појави ковид-19.

Пострашно е, како што рече, што пандемијата на ковид-19 предизвика големо назадување на демократијата во многу земји во светот. Регионот на Југоисточна Европа не беше исклучок од ова правило.

Додаде дека назадувањето на демократија се забележува во многу земји глобално, но и во регионот на Југоисточна Европа, поради претераната употреба на мерки наменети за борба против ковид-19.

-Македонија ги има меѓу најлошите резултати во регионот во тестовите ПИСА на ОЕЦД во 2018 година, заедно со најнискиот резултат за индексот на медиумска писменост, од сите земји во Европа. Иако Македонија забележува мало подобрување минатата година, општата перцепција на корупцијата придонесува кон слабото владеење и можноста за демократско назадување - додаде Трошановски.

Како што рече, Македонија има многу слаб одбранбен систем против демократски закани и опасности со популација која е општо земено, недоволно информирана да ги препознае самите извори на тие закани и опасности.

Податоците од Меѓународниот републикански институт во 2021 година укажуваат на тоа дека на крајот на 2021 година постои широко распространет песимизам во земјава за иднината на економијата, негативната перцепсија за владеењето на правото и недоволно доверба, особено кон политичките партии.

Во поглед на родовите односи, студиите покажуваат дека шокот од ковид-19 најверојатно ќе ги оптовари жените непропорционално, главно како последица на драматични промени во невработеноста, ограничувањата за нега на децата и општите перцепции на родовите норми.

Претседателот Стево Пендаровски на денешната презентација на Извештајот напомена дека овој извештај потврдува уште една загрижувачка тенденција. Како што посочи, иако јазот на нееднаквоста се стеснува меѓу државите, тој за жал се шири внатре во самите држави.

Вообичаено, напомена, највисоката цена ја плаќаат најсиромашните, кои се најранливи во кризни времиња.

-Индекост на УНДП ги посочува критичните точки на кои мора да се фокусираме за да надоместиме за изгубените години и да постигнеме повисок степен на развој. За да ја постигнеме целта на повисоко ниво на човечковиот развој за сите македонски граѓани, потребни се три работи – прво, соочување со реалноста, второ, обмислување на решенија и трето политичка волја да ги направиме неопходните промени - смета претседателот.

Според Пендаровски, развојните стратешки документи ни ги даваат решенијата, а започнатите преговори за членство во ЕУ значат дополнителен мотив за суштински реформи.

-Европската интеграција има уникатен потенцијал да биде катализатор за длабока трансформација на сите слоеви на општеството. Иако товарот на најголемиот дел од обврските лежи врз нас, се разбира дека и ЕУ има обврска да биде далеку поактивно вклучена во овој процес. Независно што заедно со остатокот на Европа и светот минуваме низ период на голема неизвесност, мораме да ги удвоиме националните напори за посилен економски и општествен развој за поголема доверба на граѓаните во институциите и драстично помало иселување на младите. Крајната цел е да изградиме општество со еднакви шанси за успех за сите негови членови - додаде Пендаровски.

ИНЧР е индекс со кој се укажува на основните постигнувања во човековиот развој на глобално ниво, а и земја по земја. Тој го претставува нивото на на напредок за постигнување на посакуваниот човечки стандард на живеење во суштински области како што се образованието, долговечноста и економскиот развој.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот