X
 08.01.2021 Живот

Прогласени најмоќните пасоши за 2021 - на кое место се наоѓа Македонија?

Пандемијата предизвикана од коронавирусот го смени патувањето, а земјите продолжуваат да воведуваат нови мерки за безбедност што покажуваат дека нема да патуваме како порано. Индексот за моќност на пасоши на „Хенли енд партнерс“ само што го објави последниот извештај за најмоќните пасоши во 2021 година.

Јапонија се наоѓа на врвот на листата

Граѓаните на неколку земји во Азија продолжуваат да ги поседуваат најмоќните документи за патување. Индексот не ги мери привремените мерки за ограничено патување, па Јапонија се наоѓа на врвот на листата. Со јапонскиот пасош би можеле да патувате во 191 земја во светот без виза или со добивање виза при пристигнувањето.

Сингапур е на второто место (со 190 земји), а Јужна Кореја и Германија го делат третото место (со 189 земји). Помеѓу првите 10 се наоѓаат и Нов Зеланд, која се наоѓа на 7. место со 185 дестинации, и Австралија на осмото место со 184 дестинации.

Доминацијата на азиските земји е релативно нов феномен во 16-годишната историја на индексот. Обично пасошите на САД, Велика Британија и земјите во Европската Унија биле прогласувани за најмоќни. Меѓутоа, во соопштението од фирмата „Хенли енд партнерс“ се вели дека некои од земјите со најмоќни пасоши биле првите држави што почнале да заздравуваат од последиците на пандемијата.

На листата со најмоќни пасоши американскиот и британскиот се седми, но реалноста е дека жителите на овие земји во моментов може да патуваат во многу помалку земји поради пандемијата. 



Фото: Pixabay

Македонија се наоѓа на 45. место на листата со можност за патување без виза во 124 држави. Во 2020 г. Македонија била рангирана на 44. место. На највисока позиција се наоѓала во 2014, кога била на 36. место на листата, покажуваат податоците од „Хенли енд партнерс“.

Најмоќни пасоши за 2021

1. Јапонија (191 дестинации)
2. Сингапур (190)
3. Јужна Кореја, Германија (189)
4. Италија, Финска, Шпанија, Луксембург (188)
5. Данска, Австрија (187)
6. Шведска, Франција, Португалија, Холандија, Ирска (186)
7. Швајцарија, САД, Велика Британија, Норвешка, Белгија, Нов Зеланд (185)
8. Грција, Малта, Чешка, Австралија (184)
9. Канада (183)
10. Унгарија (181)

Најмалку моќни пасоши за 2021

1. Авганистан (26 дестинации)
2. Ирак (28)
3. Сирија (29)
4. Пакистан (32)
5. Сомалија, Јемен (33)
6. Територии на Палестина (37)
7. Либија, Непал (38)
8. Северна Кореја (39)

Автор: Морин Охер
Извор: cnn.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот