X
 08.01.2024 Живот

Во овие земји е забрането да се слави Божиќ

Божиќните празници за многумина се најубавиот период од годината. Но, иако сме „бомбардирани“ со раскошни украси, божиќни песни и храна, не е баш така во сите земји - Божиќ е нелегален во некои делови од светот. 

Во одредени земји на луѓето им е забрането да слават празници поради различни причини. Затоа, ако размислувате да отпатувате на некоја локација за време на Божиќ, најдобро е да ги проверите локалните обичаи пред да го резервирате вашиот лет.

Таџикистан

Земјата која граничи со Авганистан, Киргистан и Узбекистан ги заостри ограничувањата во изминатата деценија. Работите се влошија во 2013 година кога Дедо Мраз беше забранет на телевизија, а употребата на огномети, јадењето празнични оброци и подароците станаа проблем. Исто така, во училиштата и на факултетите не е дозволено поставување елка, ниту жива ниту вештачка, а тоа стои во уредбата на Министерството за образование. Исто така, забранети се и прославите на Ноќта на вештерките, додека погребите и свадбите се предмет на строги прописи.

Брунеј

Во 2014 година султанот на малата држава богата со нафта, Хасанал Болкиах, рече дека празничните прослави се забранети затоа што се плашел дека прославите може да го одведат муслиманското население на погрешен пат. Луѓето од другите вери сè уште можат да прославуваат, но само ако тоа е зад затворени врати и во целосна приватност. Некои луѓе тврдат дека семејствата мора да ги информираат властите за нивните планови за одмор. Ако се соберете во Брунеј за Божиќ без дозвола, ќе мора да платите казна до 16.000 фунти или се соочувате со затворска казна од пет години, или пак и двете.

Саудиска Арабија


И оваа земја на сличен начин стави вето на божиќните забави бидејќи жителите и туристите мора да го следат лунарниот, а не грегоријанскиот календар. Но, престолонаследникот Мохамед бин Салман олесни некои од построгите религиозни правила, иако прославите на Денот на вљубените и Ноќта на вештерките остануваат забранети.

Кина

Кина е растргната помеѓу заштитата на своите традиции и усвојувањето пооптимистички пристап кон декември. Милиони жители го слават Божиќ, но владата постојано ги осудува празничните собири и сè уште е нелегално да се слави празникот во одредени зони, како што е Венџоу, каде што на сите училишта и јавни центри им е забрането да учествуваат во божиќните активности. Кинеската комунистичка партија, исто така, им забранува на членовите на партијата, владините агенции, па дури и на универзитетите да прославуваат, додека на социјалните мрежи често се споделуваат слогани кои ги охрабруваат луѓето да го бојкотираат Божиќ.

Северна Кореја

Строгата држава на Ким Џонг-ун им дозволува на жителите да го почитуваат неговото семејство, владејачката партија и нејзините лидери, а не Исус Христос или Дедо Мраз. Божиќ не се слави отворено во Северна Кореја откако династијата Ким почна да ги сузбива верските слободи во 1948 година, а секој што ќе биде прогласен за виновен за славење ризикува затвор или подрастични казни.

Во 2016 година Ким Џонг-ун целосно ги забрани прославите и наместо Божиќ, им порача на граѓаните да го слават 24 декември. Тоа е датумот на раѓање на неговата баба.

Според Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја, Северна Кореја ги забранила сите собири што вклучуваат пиење, пеење и друга забава. Некои луѓе сè уште тајно слават, но ризикуваат сериозни последици.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот