X
 08.04.2021 Живот

Народна банка алармира дека со лажни информации и шпекулации за банки и штедилници се прави штета на целата економија

Народна банка одржала состанок со претставници на банките и на штедилниците во врска со невистините и лажните информации што се пласираат во јавноста во изминатиот период, поврзани со банкарскиот систем, на штета на целата економија и општеството во целина.

- Поаѓајќи од значењето што го има банкарскиот сектор за секоја економија, а и за општеството во целина, тој претставува најрегулираниот дел од економското живеење. Поради ваквата поставеност и значење на банкарскиот сектор во нашата економија, во трите децении независност, овој сектор ја игра водечката улога во одржувањето на вкупната макроекономска стабилност во земјата, стекнувајќи притоа доверба од нашите граѓани и компании. Како и во годините досега, така и денес, банкарскиот сектор го претставува најздравиот дел на македонската економија и со тоа претставува јавно добро од интерес за целото наше општество. Истовремено, живееме во време кога новите технологии и интернетот даваат многу можности, но, за жал, во голема мера се користат и за ширење лаги и дезинформации кои ги вознемируваат граѓаните и имаат потенцијал да нанесат економски штети. Со овие предизвици се соочува и нашето општество - се вели во соопштението од банката.

Затоа, Народната банка и Македонската банкарска асоцијација - МБА уште еднаш сакаат да укажат на потребата од високо ниво на внимателност кога се работи за информации што се однесуваат на банките и штедилниците.

- Тука нема место за шпекулации и тенденциозни дезинформации. За таа цел, ги повикуваме медиумите секогаш, пред да објават каква било информација поврзана со банките, штедилниците и банкарскиот сектор, да ја проверат од релевантни извори, за да можат да им ја пренесат вистинската слика на граѓаните и на економските субјекти. Исто така, апелираме до граѓаните и економските субјекти мошне внимателно да ги проверуваат информациите што излегуваат во јавноста поврзани со банките и штедилниците, бидејќи не е во прилог на јавниот интерес создавање какви било избрзани реакции кои покрај тоа што го одземаат времето, создаваат и дополнителни трошоци. Злонамерни појави на ширење шпекулации и неточни информации имало и ќе има, а вообичаено се пласирани од личности кои покрај тоа што не водат сметка за својата одговорност, пред сѐ, поради кратковидоста на своите лични интереси, не ги земаат предвид далекосежните влијанија на тие невистини врз јавноста и врз општеството во целина. Затоа сакаме да апелираме до граѓаните и компаниите што имаат какви било прашања, отворено да ѝ ги поставуваат на својата банка, на МБА или на Народната банка. Исто така, бидејќи банките се транспарентни економски субјекти, тие се обврзани и редовно објавуваат повеќе податоци за своето работење, кои може и треба да се следат од сите заинтересирани граѓани и компании - се вели во соопштението.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот