X
 09.01.2019 Живот

Амбициозните планови на најголемиот филантроп

Битката против Алцхајмеровата болест, детската парализа, пандемии што би можеле да однесат милион животи и развојот на чисти енергии, како нуклеарната, се во центарот на интерес на основачот на „Мајкрософт“.

На крајот од секоја година и почетокот на новата Бил Гејтс - вториот најмоќен човек во светот, чие богатство „Форбс“ го проценува на 92,4 милијарди долари - се прашува во што потрошил уште една година од својот живот и каде оди светот во кој живее. Гејтс не е единствен човек што го прави ова; слични прашања си поставуваат многу големи и мали луѓе, но неговиот збор некако посилно се слуша.

Гејтс не е само екстремно богат. Тој навистина се грижи за судбината на човештвото и е доста дарежлив кога треба да го одврзе ќесето. Во неговиот случај тоа значи следното: со сопругата Мелинда претседаваат со најголемиот светски приватен хуманитарен фонд „Бил и Мелинда Гејтс“, кој работи на спасување животи и подобрување на глобалното здравје, а соработува и со „Ротари интернешнл“ на елиминирање на детската парализа.

Голем сон со личните компјутери


Основачот на „Мајкрософт“ продал и го поделил најголемиот дел од својот удел во „Мајкрософт“ - тој денес поседува повеќе од 1 отсто од акциите. Парите ги вложил во различни акции на други имоти. Го започнал инвестицискиот фонд вреден милијарда долари „Брејктру енерџи“ за развој на чиста енергија и ги донирал акциите на „Мајкрософт“ вредни 35,8 милијарди долари.

Гејтс денес има 63 години и логично е да размислува поинаку отколку кога бил помлад и помалку моќен. Кога имал 20-ина години, тој размислувал само за едно нешто: дали софтверот на „Мајкрософт“ е остварување на големиот сон за личните компјутери? Денес софтверот му се наоѓа ниско на листата со приоритети и повеќе размислува за подобрување на животот на целото човештво. Го мачат и лични проблеми: - Дали доволно време му посветив на семејството? Дали научив нови работи? Дали развив нови пријателства и дали ги продлабочив старите?



Големи откритија во иднина

Не се само годините во прашање, смета Гејтс. Постои нешто и во глобалната промена на начинот на кој размислуваме за тоа што е добро. - Низ историјата луѓето размислувале за тоа како да го продолжат својот животен век, како да ги искоренат болестите и како да одгледуваат повеќе храна - пишува Гејтс. Сега, кога животниот век е драстично зголемен, фокусот е на подобрување на квалитетот на животот.

- Мислам дека тоа ќе поттикне многу големи откритија во иднина - предвидува тој.

Еве што добро и лошо се случувало на подрачјата во кои Бил Гејтс дејствува и ги троши своите пари.

Напредок во истражувањето на Алцхајмеровата болест


Минатата година истражувачите работеле на нови теории за настанокот на Алцхајмеровата болест. Едни сметаат дека мозочните клетки пропаѓаат бидејќи нивниот произведувач на енергија претерано се троши, други веруваат дека до болеста доаѓа поради тоа што некои делови од имунолошкиот состав стануваат претерано активни.

- Ова е одличен пример за тоа како со подобрувањето на нашето разбирање за биологијата ќе се намалат и медицинските трошоци и човечкото страдање - смета Гејтс и гледа позитивен тренд во тоа што истражувачите ги добиваат сите полесни и поквалитетни пристапи до податоците за заболените од Алцхајмерова болест. А тоа го отежнува пронаоѓањето на соодветни лица во раните стадиуми на болеста.

Детската парализа и понатаму ги напаѓа најранливите


- Мислев дека денес ќе бидеме поблиску до искоренување на детската парализа отколку што сме - вели Гејтс, признавајќи дека не ни насетувал колку е тешко да се вакцинираат децата на подрачјата зафатени со војни и политичко насилство. Бројот на заболени особено пораснал во Авганистан и во Пакистан, земји каде што детската парализа никогаш не била искоренета.

Но, напредок сепак има. Новиот изум овозможил тестирање на примероци од отпадните води за да се следи вирусот и да се пронајде изворот пред почетокот на епидемијата. Постојат и нови начини на работа во воените зони, за што сведочат и подобрувањата во Сирија и во Сомалија. Гејтс се надева и на новата орална вакцина што се тестира во Белгија и во Панама, а би можела да почне да се употребува наредната година.

Иднината е во нуклеарната енергија


Минатата година повторно се зголеми емисијата на стакленички гасови. Гејтс смета дека соларната енергија и ветерните електрани не се доволни за да се спречи негативниот тренд, ниту мисли дека во блиска иднина батериите ќе станат доволно евтини за да се користат за напојување на доволно енергија кога сонцето нема да сјае, а ветерот нема да дува. Инвестицискиот фонд на Гејтс за чиста енергија, „Брејктру енерџи“, финансира различни компании што се занимаваат со климатски промени, но тој и понатаму мисли дека на човештвото му се потребни порадикални вложувања и решенија.

Гејтс вели дека оваа година добар дел од своето време и енергија ќе ги потроши за уверување на американските власти да поработат на зајакнето истражување за нуклеарната енергија.

- Нуклеарната енергија е идеална за соочување со климатските промени бидејќи тоа е единствен извор на енергија без јаглен, приспособлив и достапен 24 часа дневно - вели тој.

Човештвото не е подготвено за нова пандемија на грип


Минатата година се одбележаа сто години од избивањето на шпанскиот грип, болест која однела повеќе од 50 милиони животи. За жал, ова не отвори дискусија за болеста што се заканува дека ќе се повтори.

- Не сме подготвени за друга епидемија - предупредува тој.

- Ако нешто убие десет милиони луѓе за кратко време, веројатно тоа ќе биде глобалната пандемија. А оваа болест најверојатно ќе биде некоја форма на грип - вели тој.

Денес грип како шпанскиот би убил 33 милиони луѓе за само 6 месеци, предупредува тој.

Минатата година малку било направено за луѓето да се подготват за можна епидемија. Но, науката напредуваше во поглед на вакцините што би ги штителе луѓето од секаков вид грип. Тоа би било најефективно за луѓе што никогаш не биле изложени на грип, особено најмладите.

Генетички експерименти


Гејтс ја допре темата и на последните генетички експерименти, како случајот со создавање генетички модифицирани бебиња во Кина, но гледа и некои позитивни ефекти. Имено, сѐ повеќе луѓе зборуваат и размислуваат за генетиката. Оваа тема треба да стане дел од големата јавна расправа, баш како и темата за вештачката интелигенција.

За крај, Гејтс се обврза да научи и да размислува за две клучни подрачја во кои технологијата има потенцијал да влијае врз квалитетот на нашите животи, и поставува сложени етички и социјални прашања. Станува збор за рамнотежа помеѓу приватноста и иновации и користење на технологијата во образованието.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот